Иванов: Жестоко реагираме на обидите да се избрише „македонскиот јазик“

 

Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, денеска на свечената академија по повод 60-годишнината од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје истакна дека македонскиот јазик како во минатото така и сега се соочува со голем број предизвици.

- Затоа, како општество, жестоко реагираме на сите обиди да се избрише терминот „македонски јазик“ од меѓународните регистри и извештаи. Како држава, решителни сме да ги заштитиме и да ги промовираме македонскиот јазик и македонското творештво, како дел од светското духовно културно наследство. Институтот за македонски јазик има важна улога на овој план, рече Иванов.

Иванов денеска на институтот му ја додели и "Повелба на Република Македонија".

- Со оваа Повелба ја искажуваме нашата искрена благодарност на Институтот за шестдецениската научно-истражувачка дејност на полето на проучување и негување на македонскиот јазик. Со Повелбата ја изразуваме нашата почит кон вработените, кон членовите на научно-истражувачкиот кадар што веќе 60 години доследно и посветено ја исполнуваат мисијата и визијата на Крсте Петков Мисирков, додава македонскиот претседател.

20.11.2013 - 13:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега