Македонскиот сликар Горан Менков прави слики од мувла

 

Се почна сосема случајно, бев инспириран од еден правилно формиран квадрат од мувла што ја забележав на ѕидот и помислив дека може технички да се изведе, а потоа и да се создадат различни форми. Затоа почнав со истражување, прво да се добие мувла на различна подлога, а потоа и начинот за нејзина контрола", објаснува Менков за Вечер

Младиот македонски уметник Горан Менков е автор на една сосема необична изложба и на уште понеобични дела, слики направени со мувла! Од утре (20 часот) во Културно-информативниот центар во Скопје е најавена изложбата Бајата уметност, хибернација" на која уметникот ќе се претстави со 15 дела, создадени на платно, дрво и гипс-картон. Самиот факт што се работи за дела создадени од мувла, привлекува интерес, но и создава сомнеж дали тие можат да бидат опасни по здравјето.

Овие дела иако се со мувла не се опасни, бидејќи таа е во процесот на хибернација и не е активна. Постои можност тие да се фиксираат и трајно, иако и сега не се опасни, само не треба да се допираат со раце", им објасни Менков на оние кои дојдоа да го видат и поставувањето на изложбата. Тој им објасни дека и самиот не доаѓа во допир со мувлата, бидејќи процесот на создавање се случува во комора со посебни услови, голема влажност, ограничен проток на воздух и температура од 15 до 30 степени Целзиусови. Притоа тој претходно интервенира само на подлогата, со цел мувлата да се појави на ограничени места и така да се создаде одредена форма.

Се почна сосема случајно, бев инспириран од еден правилно формиран квадрат од мувла што ја забележав на ѕидот и помислив дека може технички да се изведе, а потоа и да се создадат различни форми. Ме инспирираше и озлогласената мувла на покривот на МСУ и помислата дека таа можела да ги уништи делата кои се од непроценлива вредност. Сите конзерваторски работи се всушност и за спречување на таа штета. Затоа почнав со истражување, прво да се добие мувла на различна подлога, а потоа и начинот за нејзина контрола", објаснува Менков. 
Тој ја создава својата уметност на дрво, платно и гипс-картон, и како што вели, ги опфатил традиционалните сликарски подлоги.

Формите кои делата ги опишуваат сочинуваат жив организам кој при соодветни услови секогаш го искористуваат својот потенцијал за опстојување, напредување и менување на форма. Она на што во моментот работам е откривање на видот на мувлата со цел да се добијат и различни бои на подлогата", додава Менков.

Сепак, мувлата и соодветна подлога не се единствениот начин на негово изразување. Тој изработува и инсталации во простор, како и слики, масло на платно

Единствен уметник со ваква техника

Го запрашавме дали слушнал и за друг уметник кој прави вакви слики, но одговорот беше негативен. Единствено ваква техника користел еден познат архитект со цел преку хартиени макети на згради со мувла да добие слика на напуштен град.

Менков е роден во 1987 година во Скопје, а Факултетот за ликовни уметности, насока сликарство, го завршил кај проф. Рубенс Корубин во 2010 година. Ова е негова прва самостојна изложба, а учествувал и на повеќе групни претставувања и ликовни колонии во земјава и странство. 

18.11.2013 - 23:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега