Црвенковски останува претседател на СДСМ?
Како се наближува Конгресот на социјалдемократите, така се засилува поддршката за Црвенковски да остане на чело на партијата. Колку помалку денови остануваат од наводниот крај на неговиот мандат, толку повеќе се загреваат шпекулациите дека вечниот лидер и натаму ќе остане на чело на партијата.
Вчерашните случувања на седницата на Извршниот одбор на СДСМ додадоа уште малку масло во огнот кој Црвенковски според многу аналитичари самиот го потпали.
Зоран Заев кој важеше за еден од најголемите фаворити за прв човек на Бихаќка, вчера излегол пред партискиот Извршен орган и најавил дека ќе ја повлече кандидатурата за претседател. Вчера доцна вечерта Заев не сакаше да зборува на оваа тема, но и не ја демантираше оваа информација.
„Не сакам да коментирам за пред јавност внатрешни работи на СДСМ. Оваа цела постапка е внатрешна работа на мојата партија и Ве молам да оставиме, СДСМ да ги донесе најдобрите одлуки за својата идинина. Ве молам за разбирање“ - рече Заев за Press24.
Евентуалното повлекување на Заев несомнено отвора повеќе простор за останатите 3 кандидати, но никој, ниту во СДСМ, ниту пак во експертската јавност, во овој момент не може да ја исклучи можноста дека Црвенковски се подготвува повторно да ја бара довербата од партискиот Конгрес.
Од Бихаќка веќе ја лиферуваа и информацијата дека тој е кандидат за претседател на СДСМ на речи си секој општински одбор на партијата. Само ограноците во Штип и Ѓорче Петров не се решија да го кандидираат Црвенковски за уште еден мандат, што значи дека во СДСМ, привидно или реално, постои расположение партијата да не добие нов Претседател. Аргумет плус се и над 10.000 потписи кои според инофрмациите од најголемата опозициска партија биле собрани за лидерот да остане во претседателското столче на Бихаќка. За очекување е дека евентуален ваков развој на настаните Црвенковски лесно ќе може да го оправда и во јавноста но и пред она членство кое очекува свежа крв во партијата. Изговорот ќе биде дека останува за да го спаси социјалдемократскиот табор од раскол.
Ваквата разврска во интервју за Press24 ја најави и поранешниот генерален секретар на СДСМ, Ѓорѓи Спасов уште пред повеќе од две недели.
„Прво, не сум сигурен дека Бранко Црвенковски не сака и натаму лично да остане на чело на партијата. Ако вистина решил да не се кандидира повторно за претседател на партијата или да не прифати кандидатура тогаш треба уште пред почетокот на подготовките за Конгресот да изјави дека тој не сака од страна на општинските организации да биде ниту евидентиран како можен кандидат за претседател на СДСМ и дека нема намера на самиот конгрес, во последен момент да се појави како единствен кандидат со образложение дека „ тоа е жртва за да се зачува единството на партијата“ - рече Спасов за Press24
„Пишман политиката“ на Црвенковски не е ништо ново ниту за македонската јавност, ниту пак за членството на СДСМ. Долгогодишниот лидер во повеќе наврати најави дека заминува од челната позиција, но и по неколку изборни порази во серија, на бирото во најважната канцеларија на Бихаќка, се уште стои неговото име
А.С.