Згрми Стевчо Јакимовски: СДСМ бега од избори - ние бараме избори
Оливер Станоевски, магистар по мир и развој е првиот претседател на најголемата општинска организација на Граѓанската опција за Македонија-Карпош. Него, со акламација го изгласаа 1612 членови на ГРОМ на вечерашното Основачко собрание кое се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Пред присутните свое обраќање имаше лидерот Стевчо Јакимовски
-Вака изгледа партија која се подготвува за избори, со весели лица, храбри, насмеани, со верба во своето раководство, подготвени да сторат нешто за татковината. Така е, ГРОМ бара избори, беше дециден Јакимовски. СДСМ бега од избори, ние бараме избори. Не знам како мислат тие да дојдат на власт ако бегаат од избори? Избори треба да има веќе напролет, рече Јакимовски, ако и сакаме добро на државата. Во спротивно секоја година ќе ни се случуваат избори, локални, претседателски, па парламентарни, и секоја година по четири месеци ќе функционираме со техничка влада, во состојба кога е блокирана и централната и локалната власт, во која не се носат ниту закони, ниту клучни одлуки, а се носи само економска штета на земјата, нагласи лидерот на ГРОМ. Оттаму во март-април ни требаат или предвремени парламентарни избори, или да го менуваме законот, па претседателот да се бира во Собранието.
-Ние вечерва го наполнивме „Александар Палас“ но наскоро ќе бидат полни и Партизанска и Илинденска со членови и подржувачи на ГРОМ. Честопати ме прашуваат дали требаше да направам партија. Јас партија не правам за себе. Мене не ми треба функција, јас имам функција јас сум премиер на Карпош, изјави првиот човек на ГРОМ во своето обраќање до карпошани. Партијата ја направивме за граѓаните, за оние граѓани кои досега не им е дадено шанса да сторат нешто повеќе за државата, за оние кои иднината ја гледаат во Република Македонија, а не надвор од неа. ГРОМ ќе биде силна политичка партија од центарот. Мислам дека го погодивме времето. Граѓаните на Македонија нема веќе да гласаат или за ВМРО или за СДСМ туку ќе имаат трета опција –ГРОМ. ГРОМ ќе биде партијата која ќе ја држи стабилноста, балансот меѓу владејачката и опозициската партија. Само во Карпош досега ГРОМ брои 4.872 члена и тој број ќе прогресира. Карпош е водач и пример за цела Македонија. На иницијативата за формирање на ГРОМ на 28 мај, реков дека ќе бидеме пратеничка група, но ние ќе бидеме далеку повеќе од тоа. Ние ќе бидеме партија на граѓаните и сите нивни барања и потреби ќе ги преточиме во изборна програма
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа