АВМУ: Изборен молк поради прегласување за Парламентарните избори 2024
Поради повторување на гласањето за Парламентарните избори 2024 во седум гласачки места во Изборните единици 5 и 6, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги известува националните радиодифузери и радиодифузерите кои емитуваат програма на подрачјето на Охрид, Крушево, Струга, Долнени и Желино дека за нив важат обврските за изборниот молк, кој почнува од ноќеска на полноќ и ќе трае до 19 часот на 22 мај 2024 година.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Гласањето ќе се повтори на седум избирачки места во среда во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Утре гласаат болните и изменоштените кои веќе се пријавиле за гласање на парламентарните избори, како и затворениците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа