Груевски: Понекогаш ми е жал за СДСМ

 

Понекогаш ми доаѓа жално чувство кога СДСМ се обидува да ги убдеи граѓаните во проектите во кои и сами не веруваат. Тие со предложените мерки и проекти го потценува интелектот на граѓаните, изјави денеска премиерот Никола Груевски по пуштањето во употреба на спортската сала во ОУ „Исмаил Ќемали“ во Гостивар.

- Најголем дел од проектите на СДСМ се необмислени и се нафрлаат без конкретни бројки за буџет и рокови за изведување и завршување. Може да се каже, извадени се од џеб. Имам чувство дека тие може да ветат дека минималната плата ќе биде 10.000 евра, дуплирање на годишните одмори, дури и да речат дека Сонцето ќе изгрева наместо од Исток кон Запад, обратно, и се ова се однесува за поголем дел од работите што тие велат дека се проекти. Нам ни останува да останеме фокусирани на реалните проекти и решавање на реалните проблеми, рече Груевски, одговорајќи на новинарски прашања.

Во врска со последните тепачки во Скопје, премиерот изрази жалење и истакна дека веќе разговарал со министерката за внатрешни работи од која побарал да се најдат виновниците и соодветно да се санкционираат за да се спречат во иднина ваквите случувања кои, според него, се повторуваат кога се приближува некој важен датум како што е Европскиот состанок.

Груевски оцени дека веќе е тренд отворањето нови фабрики од страна на странските инвеститори кои се веќе во Македонија.

- Тоа покажува дека странските компании се задоволни од условите што ги нуди Владата и локалните самоуправи. „Џонсон контрол“ покрај постоечката фабрика во Скопје, отвора нова во Штип, меѓународната компанија „Џонсон Мети“ на истото место работи на отворање нова фабрика, Технохозе најави отворање нов објект четирипати поголем од постојниот, руската компанија за лекови „Продис“ најави дека во април ќе отвори втора фабрика во која ќе вложи 15 милиони евра и ќе вработи нови 150-200 луѓе што е најдобра потврда дека Македонија нуди најдобри услови за инвестирање, посочи премиерот.

Сите овие инвестиции, додаде, треба да донесат отворање нови работни места и зголемување на извозот. „Џонсон Мети“ годинава реализира 950 милиони евра извоз, а за в година очекува 1,250 милијарда евра.

- Покрај отворањето нови фабрики од актуелните инвеститори, се отвораат и фабрики од други вложувачи кои обезбедуваат репроматеријали за постојните капацитети, како што е примерот во Кавадарци каде покрај големата германска инвестиција, има заинтересирано туниска компанија, а таков е случајот и во Кочани каде што кинеска компанија ќе произведува репроматеријали за постојните капацитети, истакна Груевски.

Според него, зголемениот обем на откуп и продажба на земјоделски производи покажува дека вложувањето во земјоделството дава резултати, земјоделците инвестираат во поголемо и поквалитетно производство што, пак, им овозможува од остварениот профит да вложуваат во механизација, нови површини и сите други активности кои придонесуваат за зголемување на производството.

Oткупот и продажбата на земјоделски производи во септември годинава во однос на истиот месец лани се зголемени за 63,6 отсто, само кај индивидуалните производители зголемувањето е 143 отсто.

16.11.2013 - 22:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега