Годинава за 40 отсто зголемен бројот на жртви во сообраќајни незгоди
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на тркалезната маса „Како до помалку сообраќајни незгоди со фатални последици“ истакна дека во Македонија последниве три години состојбата со сообраќајните незгоди е се позагрижувачка. Од таа причина, Министерството за внатрешни работи објави сет мерки кои ќе се спроведуваат секојдневно за намалување на бројот на сообраќајните незгоди и жртвите во нив.
Според податоците од МВР, во првите девет месеци од оваа година се случиле вкупно 3.140 сообраќајни несреќи, со што во споредба со истиот период минатата година се забележува пораст од 2,3 отсто. Бројот на жртвите е зголемен за 40 %, со што за жал заклучно со септември 4.831 лицa настрадале и 140 лица го загубиле животот.
- Контрола во сообраќајот значи казнување на сите несовесни возачи, подобрување на регулативата за попрецизно определување на одредени правила и прописи, каде што сме забележале дека возачите грешат, заострување на круитериумите за учество во сообраќајот во смисла на техничката исправност на возилата и знаењето на возачите и апелите за задолжително користење на заштитна опрема. Пред се, на велосипедистите и велосипедистите со мотор, но и задолжително користење на безбедносните појаси кај возачите во автомобилите, бидејќи и тука статистиката потврдува дека бројката можеби немаше да биде толку лоша доколку возачите, совозачите и патниците доследно ги почитуваат правилата кои сега се во сила, рече Јанкулоска.
Констатацијата за алармантната состојба во сообраќајот, според Миле Димитровски од РСБСП, е прашање на сите граѓани.
- За да се постигнат резултати до крајот на годината треба да се применат барем три мерки кои произлегуваат од анализите - задолжителна употреба на безбедносните појаси, контрола на алкохолот и другите психотропни супстанци и почитување на брзината на движење во и надвор од населените места. На тој начин ќе се заштитат пешаците, возачите, но и сите учесници во сообраќајот, истакна Димитровски.
Инаку, 17 ноември е прогласен за Светски ден за одбележување и сеќавање на жртвите во сообраќајните незгоди.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа