НОВА организира европска конференција за инклузија на учениците
Од 14-ти до 17-ти ноември во Меѓународното училиште НОВА ќе се одржи „Конференција за инклузија на учениците“. Конференцијата е организирана од самите ученици, а поддржана од Асоцијацијата на меѓународни училишта од Централна и Источна Европа (CEESA). Целта на конференцијата е инклузија на учениците во општеството.
Секоја година конференцијата се одржува во различни училишта низ Европа. Оваа година НОВА ја има честа да биде домаќин на средношколци од цела Европа. Учесниците (повеќе од 70 ученици и 12 професори) за темата “Модерно општество”ќе проговорат од различни перспективи. Рефератите и презентациите се посветени на човековите права, социјалниот активизам, уметноста и комуникацијата во современиот свет.
Предавачи на конференцијата ќе бидат Небојша Илиевски, основач на хуманитарната организација „Лице в лице“ кој ќе им се обрати на учесниците во петок, и Синоличка Трпкова, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и актерка. Небојша Илиевски ќе зборува за активизмот и комуникацијата во современото општество, а Синоличка Трпкова ќе зборува за предизвиците на модерното доба.
На Конференцијата својата активност ќе ја претстават и редица невладини и хуманитарни организации: Младинскиот образовен форум, Црвениот крст на Македонија, Лице в лице, Младинскиот одбор на Амбасадата на САД, и Ученичкиот одбор на НОВА. Тие ќе ги запознаат гостите со својата работа, програми и цели преку предавања, штандови и директна комуникација.
Учениците од НОВА ќе имаат четири презентации, а темите ќе бидат: „Како се променети начините на комуникација во модерното општество?“, „Кои се правата на младите?“, „Младинскиот активизам во современиот свет“ и „Дали е потребна социјална правда во современото оштество?“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа