Николоски и Шокаровски: Европските пратеници знаат дека правдата е на македонска страна
Пратениците во Европскиот парламент се свесни и јасно даваат до знаење дека правдата во спорот за името меѓу Македонија и Грција е на наша страна, вели за Македонската информативна агенција пратеникот во македонското Собрание, Александар Николовски, кој деновиве престојува во Брисел на политичкото Собрание на Европските народни партии (ЕПП).
Тој, заедно со својот сопартиец Харалампие Шокаровски е во посета на Брисел и таму оствари средби со целата пратеничка група на ЕПП во Европарламентот, со секретаријатот и советниците за политички прашања и за проширување на оваа партија.
Николоски и Шокаровски се сретнаа и со европратениците од Хрватска, Давор Штиер и Здравка Бушиќ, како и со потпретседателот на ЕП Отмар Карас и со известувачот од сенка за Македонија, Едвард Кукан.
- На средбите пред се се говореше за подобра соработка меѓу сестринските партии во рамки на ЕПП, како и за соработката на целиот регион со Европската унија. Од наша страна беше реафирмирана заложбата на Република Македонија за членство во Унијата и ја поздравивме петтата препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство, вели Николоски.
Пратениците Николоски и Шокаровски побарале во рамки на Резолуцијата на Европарламентот за Македонија, што треба да биде донесена идната година во февруари, ЕП повторно да ја поддржи нашта држава за членство во ЕУ и за почеток на преговорите, а се разговарало и за реформите во Република Македонија, состојбата во Собранието, политичкиот дијалог, состојбата во медиумите и можностите за позитивен исход на Самитот на Европскиот совет во декември.
- Ние потенциравме дека предолгото чекање на Македонија и држење на страна создава негативна атмосфера во државата во однос на евроинтеграциите. Особено потенциравме дека со Хрватска добивме кандидатски статус во исто време, но дека тие се веќе членка на ЕУ и имаат пратеници во Европарламентот, а ние не сме ги почнале преговорите иако ги исполнуваме условите, само поради ветото од страна на Грција. Во таа насока, посочивме дека иако подршката за члеснтво во ЕУ е висока, се јавува поголем скептицизам кај македонските граѓани поради неправедниот однос на Унијата, додава Николоски во изјава за МИА.
Според Николоски и Шокаровски, на средбата со словачкиот европратеник Едвард Кукан, од негова страна било посочено дека единствен проблем за Македонија во евроинтеграциите е Грција и дека тој очекува т.н. дежа-ву ситуација да се повтори.
- Во однос на неприципиелниот однос на Грција во Европарламентот, Кукан ни посочи дека грчката европратеничка Мариета Јанаку и други грчки европратеници директно ја обвинуваат Македонија за застојот во евроинтеграциите, иако реалноста не е таква. Јас реков дека Македонија се труди да најде заеднички прифатливо решение, но е невозможно кога од другата страна имаме политичка уцена и применување на аргументот на сила, а не на силата на аргументот, додава Николоски.
Според пратеникот Шокаровски, Европарламентот, Република Макеоднија, како и изминатиот период има огромна поддршка, но, како што рече, за жал, законодавниот дом не може на ниту еден начин да влијае на Советот и тоа европратениците отворено го кажуваат.
- Сите знаат на чија страна е правдата и тоа го потенцираат на секоја средба, вели Шокаровски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа