„Балканот останува приоритет за ЕУ и покрај кризата“

 

Истражувачот во Францускиот Институт за меѓународни односи и специјалистот за Балканот, Гаел Перјо Валеро денеска изјави дека Балканот останува приоритет за ЕУ и покрај должничката криза.

- Треба да видиме што е тоа што се случи ова лето. Хрватска стана земја-членка на ЕУ, Косово е во фаза на преговори за да постигне договор околу визниот режим, а и договорот помеѓу Приштина и Белград што беше склучен во февруари оваа година покажува дека Балканот, сепак, останува приоритет за ЕУ. Не треба да се заборави дека евроинтеграциите не се некој мал феномен. Тие веќе се започнати и Делегацијата на ЕУ е тука да работи и тоа е нешто што трае, рече Валеро на предавањето што Францускиот институт во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ го организираше на тема „Должничката криза:опасност или поволна прилика за европската интеграција на земјите од Западен Балкан“.

Според неа, должничката криза е само поволна прилика и за ЕУ и за Западен Балкан.  

- Наспроти тоа што може да се мисли, сметам дека должничката криза може да биде поволна прилика како за ЕУ така и за земјите од Западен Балкан. Зошто? Затоа што во време на криза ЕУ може да дојде самата до заклучок дека е солидарна, дека е обединета и дека не ги заборава земјите од Западен Балкан. Значи, никој не одбрал да биде во должничката криза, меѓутоа сепак може да се даде една силна порака како за ЕУ така и за земјите од Западен Балкан, рече Валеро, која е професор на Факултетот за политички науки во Париз и во Дижон, и сопруга на поранешниот француски амбасадор во Македонија Бернар Валеро.

На прашањето што може да научат од европската криза земјите од Западен Балкан, Валеро одговори дека треба да се имаат предвид досегашните постигнувања.  

- Првата лекција е да престанеме да се плашиме од тоа, да ја сочуваме самодовербата, да не бидеме изгубени во рамките на една актуелност која може да биде пореметувачка од една страна, а и песимистичка. Треба да се види што е тоа изградено во ЕУ во изминатите 60 години, а за вашата земја во изминатите 20 години и сметам дека тоа е многу важно, рече Валеро, која е како поранешен новинар и седум години била дописник за Балканот.

Таа смета дека спорот со Грција ќе потрае, но, дека Македонија не треба да се обесхрабри во тој процес.

- Тоа е едно прашање кое што е навистина тешко, но не е само политичко, туку и емоционално прашање како за Грците, така и за Македонците. Сосема разбирам дека кај Македонците може да дојде до едно чувство на обесхрабрување поради тоа. Останувам позитивна и со доверба околу сето тоа. Сметам дека колку Грците толку и Македонците ќе успеат да го најдат својот сопствен интерес. Сметам дека тој процес ќе продолжи. Ако во рамките на проширувањето имате некаков конфликт со вашиот сосед во однос на нешто што се случува во вашата градина, тоа е досадно, за тоа треба време, но дали тоа може да ве спречи вие да работите во вашата куќа да ја направите попријатна за вашето живеење, порачува француската експертка за Балканот Гаел Перјо Валеро. 

14.11.2013 - 13:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега