„Грција се збогува со голем Грк“ - почина човекот кој предложи да се викаме „Република Пајонија“

 

Почина поранешниот грчки министер за Северна Грција и близок соработник на Караманлис, Николас Мартис, кој пред неколку години предложи нашата земја да се вика „Република Пајонија“.

Мартис, кој почина на 98 годишна возраст, бил државен секретар за трговија, министер за индустрија и министер за Северна Грција. Сепак тој е најпознат по неговата книга „Фалсификување на историјата на Македонија“ за која беше награден од страна на Атинската академија, а фондацијата „Александар Оназис“ ја преведе на три јазици. Во книгата тој тврди дека „античките Македонци биле Грци, и соодветно на тоа, културата на Античка Македонија е дел од грчкото културно наследство“.

Грчките медиуми денеска пишуваат дека Мартис, од октомври 1955 до јануари 1956 работел како државен секретар во министерството за Северна Грција и се занимавал со „македонското прашање“. За тоа време, тој со своите активности во Грција и надвор од земјата, „многу придонесол за утврдување на вистината за историјата на Македонија“.

ПРед две години, грчките медиуми објавија дека Мартис му испратил писмо на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во кое предлага Македонија да се вика „Република Пајонија“ или „Република словенска Пајонија“

Самарас во својата порака по повод смртта на Мартис, вели дека „земјата се збогува со голем Грк“. Според него, Мартис не се борел само во вистински воени битки, туку и со „пенкало за да ја напише ’Фалсификување на историјата на Македонија’“. „Освен тоа, неговата документација, аргументи и длабоко познавање на историјата на Македонија, беше многу вредно оружје за сите грчки влади“, стои во пораката на Самарас. 

14.11.2013 - 12:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега