ДУИ ќе го поддржи Буџетот за 2014 - за ДПА е дискриминаторски
Пред пратениците денеска е Предлог-буџетот за 2014. Според ДУИ предлогот ја отсликува програмата на Владата, додека според ДПА станува збор за дискриминаторски буџет.
Реџаиљ Исмаили од ДУИ истакна дека 25 отсто од средствата предвидени со Предлог-буџетот за 2014 односно 147 милиони евра се предвидени за проекти во општините каде што мнозинство се припадници на етничките Албанци, а од друга страна, пратеникот Исмаили рече дека сите проекти што биле планирани во владината програма за 2014 година се предвидени во буџетот за следната година.
Според Беким Фазлиу од ДПА, со Предлог-буџетот шеста година по ред се дискриминираат Албанците и се стимулира сиромаштијата и невработеноста.
Во репликата вицепремиерот Зоран Ставрески не се согласи со ставот на Фазлиу, притоа нагласувајќи дека Буџетот на Република Македонија е буџет на сите граѓани.
- Во делот на културата зошто не споменете дека се предвидени средства од 74 милиони денари за албанскиот театар и 70 милиони денари за театарот и библиотеката во Тетово. За водоводот во Тетово одвоени се 39 милиони денари и ќе има средства и од проектот на Светска банка за решавање на проблемот на граѓаните, потенцира Ставрески.
Расправата продолжува по паузата од еден час.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа