Македонска алијанса за европска интеграција со свои листи на изборите во Албанија

 

 

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција на престојните парламентарни избори кои ќе се одржат на 23 јуни 2013 година ќе настапи со своја листи со 86 кандидати во 12 изборни региони.

На овие избори Македонска алијанса за европска интеграција настапува во коалиција со Демократската партија на Сали Бериша, a главна цел на овие избори е освојување на барем едно пратеничко место.

Најголеми шанси за освојување на пратеничко место Македонската партија има во округот на Корча, кој ги опфаќа областа Мала Преспа и градовите Поградец, Корча и Билишта.

Од Македонската партија ќе се борат да излезат втори во коалицијата предводена од Демократската партија во Корчанскиот регион и имаат реални шанси за освојување на пратеник. Во Корчанскиот регион Македонска алијанса за европска интеграција ја кандидира за носител на листата Валентина Нестор, доктор на науки и лектор по македонски јазик во Универзитетот во Тирана, како и автор на повеќе научни дела.

- На овие избори Македонска алијанса за европска интеграција излегува во сите 12 изборни региони со свои листи со 86 кандидати Македонци од Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, додека партијата со својата кампања ќе се сконцентрира во шест региони каде се сконцентрирани Македонците во Албанија и тоа во регионите: Корча, Тирана, Елбасан, Пешкопија, Кукс и Драч", изјави Васил Стерјовски, генерален секретар на Македонска алијанса за европска интеграција.

Освен коалицијата предводена од Демократската партија на Сали Бериша, „Алијанса за работа, благосостојба и интеграција“ која ја сочинуваат 25 партии, на изборите настапува и коалицијата предводена од Социјалистичката партија на Еди Рама „Алијанса за европска Албанија“, составена од 37 партии.

најчитано сега