Донесени измените на Законот за заштита од пушењето
Во рамки на продолжението на 74 седница, денеска во Собранието се донесени измените и дополнувањата на Законот за заштита од пушењето, по скратена постапка.
Со овие измени се предвидува проширување на опфатот на инспекциските служби кои ќе може да казнуваат за пушење на недозволени места. Се предвидува инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон да вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи, додека државниот просветен инспекторат да врши инспекциски надзор во објектите во кои се врши основно, средно и високо образование, научни институции, ученички и студентски домови, јавни и приватни воспитно - образовни и згрижувачки установи и игротеки.
Пратениците од опозицијата тврдеа дека Законот се донесува без никаква анализа за тоа зошто се проширува инспекцискиот опфат.
Министерот за здравство Никола Тодоров посочи дека автоматски помал ќе биде бројот на казните и дека ќе бидат казнувани само оние кои ќе го прекршат законот, па така бројот на казни нема да се зголеми.
Пратениците ја почнаа и расправата на измените на Законот за пасишта во прво читање, а на дневен ред на седницата се и на Законот за земјоделското земјиште и на Законот за социјалната заштита, како и Предлог на закон за медијација, во прво читање, а исто така и измените на Законот за вештачење и на Законот за парничната постапка, како и Предлог законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со општествена и државна сопственост, поднесен од група пратеници од опозицијата, како и Законот за пасишта.
Собраниската седница ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа