Завршната сметка на Буџетот за 2012 пред пратениците
И денеска пратениците со полни раце работа. Во рамки на продолжението на 74 седница, пратениците расправаат за Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2012 година.
Заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини образложи дека завршната сметка реално ја рефлектира фискална политика реализирана изминататa година и степенот на реализација на утврдените политики и мерки. Тој појасни дека завршната сметка ги содржи истите прегледи што ги содржи Буџетот на Република Македонија, односно презентирани се наплатените приходи и извршените расходи на сите сметки на Буџетот на Република Македонија, споредени со проекциите на приходите и одобрените расходи.
- Во 2012 година е забележан пад на БДП од 0,3 проценти на реална основа, пред се како резултат на неповолните економски движења во ЕУ, неизвесноста поврзана со должничката криза во еврозоната и очекувањата на економските субјекти. Проекцијата за раст на БДП во 2012 година изнесуваше 2,5 отсто, а отстапувањето е најмногу последица на падот на индустриското производство истата година. Имено, намалената екстерна побарувачка за македонски производи, пред се од ЕУ, и падот на извозните цени, предизвикаа намалена искористеност на капацитетите на компаниите во преработувачката индустрија, пад на индустриското производство и негативен раст на извозот, рече Џеладини.
Исто така и пратеникот Беким Фазлиу од ДПА во реплика рече дека се работи за антиалбански буџет, а доказ за тоа е завршната сметка. Според него, онаму каде живеат Албанци нема инвестиции.
Марјанчо Николов од СДСМ рече дека завршната сметка е поднесена спротивно на законот за буџетите на Република Македонија и со доцнење од три месеци.
- Оваа завршна сметка покажува дека Владата, надвор од било каква процедура и закон, го зголеми буџетскиот дефицит од 2,5 на 3,5 проценти, а ја заврши годината со дефицит од 3,9 проценти. Оваа Влада потроши 92 милиони евра повеќе без какво било одобрение од ова Собрание, рече Николов.
Според него, оваа Влада претера со домашното задолжување. - Во 2012 година Владата побарала и добила одобрение од Собранието да се задолжи на домашниот пазар за 60 милиони евра, а се задолжила за 450 милиони евра на домашниот пазар или за седум пати повеќе од дозволеното, рече Николов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа