МТСП бара инвеститор за изградба на дом за стари лица во Пехчево
Министерстерството за труд и социјална политика бара заинтересирани инвеститори за изградба на објект со намена за регионален дом за сместување на стари лица во Пехчево.
- МТСП во насока на привлекување инвестиции во областа на социјалната заштита за изградба и проширување на установи за згрижување стари лица, објавува известување со цел да ги запознае потенцијалните инвеститори кои би пројавиле интерес да инвестираат во изградба на објект со намена за регионален дом за сместување на стари лица во Пехчево, со што се остварува Проектот за отворање на пет регионални домови за сместување на стари лица во Република Македонија, се вели во денешното соопштение од МТСП.
Продажбата на објектот ќе се изврши согласно Законот за користење и располагање со стварите на државните органи по пат на јавно наддавање со почетна цена утврдена согласно со процената на Бирото за судски вештачења во износ од 32.914 евра или изразено во противвредност во денари 2.024.224,16 денари. Право на учество имаат сите деловно способни домашни и странски физички и правни лица.
- Заинтересираните инвеститори потребно е да уплатат паричен депозит за учество на јавното наддавање кој изнесува 20 проценти од почетната цена на недвижната ствар - објект, со уплата на депозитната сметка на Министерството за труд и социјална политика. Рокот за плаќање на депозитот е најдоцна три дена пред денот на одржување на јавното наддавање. Единствен критериум за склучување на договорот за купопродажба е највисоката понудена цена од учесниците кои ги исполнуваат условите за учество во јавното наддавање за недвижната ствар-објект што е наведен во јавниот оглас, се вели во соопштението.
Заинтересираниот инвеститор, кој би имал најповолна понуда е должен објектот да го намени за регионален дом за стари лица, и да го реновира и да го пушти во употреба во рок од 24 месеци сметано од денот на примопредавање на објектот. Инвеститорот средствата треба да ги плати во готово, во рок од 30 дена од денот на склучување на договорот за купопродажба.
Подетални информации на www.mtsp.gov.mk . Огласот важи до 19 ноември.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа