Иновациите на млади научници изложени во канцеларијата на претседателот Иванов
Четириесетина пронајдоци на ученици од основните и од средните училишта, наградени на државните натпревари за млади истражувачи, во организација на Народна техника на Македонија, и на манифестациите МАКИНОВА и ЕКОНОВА, денеска беа претставени во канцеларијата на шефот на државата, Ѓорѓе Иванов на изложбат „Наука на младите.
Претседателката на Народна техника и продекан за настава на ФЕИТ Христина Спасовска истакна дека целта на настанот е на едно место да се спојат и разменат мислења најмладите истражувачи, од основното и средното образование, додека деканот на ФЕИТ Миле Станковски се надева дека изложбата ќе биде поттик за тие што сакаат да се занимаваат со наука да се придружат во науката и високото образование да го продолжат на технички или на факултети од природните науки.
- На нашиот факултет, ФЕИТ, се работат најголем број научно-истражувачки проекти во кои учествува кадарот на факултетот, но и млади научници - асистенти, докторанди и многу студенти. Наш студент за проектот за својата дипломска работа доби златен медал и уште две плакети на МАКИНОВА оваа година, истакна Станковски.
Претседателот на СПАТУМ и проф. на ФЕИТ Влатко Стоилков изјави дека големиот број патенти на млади научници потврдува дека Македонија има голем иноваторски потенцијал.
- По бројот на жители на државата сме прилично талентирана нација. Имаме многу патентти, пронајдоци, учествуваме на голем број меѓународни манифестации каде што добиваме и престижни признанија и награди. Нивниот број постојано расте, иако има административни пречки кои се поврзани со финансии и временски рокови. Тоа е бариера во која иноваторите тешко влегуваат. Но, ако направивме спој меѓу институциите - Државниот завод за заштита на индустриската сопственост, стопанските субјекти, мислам дека можеме да се движиме во добра насока, истакна Стоилков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа