Министерот Тодоров ја посети болницата во Битола
Министерот Никола Тодоров денеска ја посети болницата во Битола, каде имаше три мистериозни смртни случаи.
- Клиничка болница-Битола е еден од трите врвни здравствени центри во Македонија и не смее да се дозволи да има сомнеж од било кој аспект, односно мора да се обезбеди сигурност дека тоа што се работи во болницата, целосно е во согласност со протоколите и согласно медицината базирана на докази, изјави министерот за здравство Никола Тодоров кој денеска заедно со тим врвни експерти од терцијарното здравство од Скопје, ја посети таа здравствена установа.
- Ќе одиме и чекор понатаму. Договорено е со докторите од судска медицина од Скопје да одржат посебен состанок со судска медицина во Битола за да ги видат фактите, договорено е Државен санитарен и здравствен инспекторат да направи детален увид на целата документација, а со нас има и инспектори од Бирото за лекови кои ќе земат примероци од инфузиите што се даваат и користат во Клиничка болница-Битола бидејќи тоа се инфузии кои се користат во цела Македонија и затоа сакаме да исклучиме секаква негативна можност. Ние мора да бидеме сигурни дека тоа што се работи во Битолската клиничка болница е целосно во согласност со протоколите и согласно медицината базирана на докази, истакна Тодоров.
Посочи дека општата констатација е дека во сите случаи е постапено целосно согласно медицина базирана на докази и е постапено според сите протоколи, а во случајот со починатото 29-годишно момче биле направени повеќе инвестигации за да биде обезбедена точно поставена дијагноза.
- Судска медицина констатира дека станува збор за анеуризма во глава. Овој проблем од медицински аспект не може да се разреши во Битола, ниту во Скопје ниту во другите центри во регионот. Оставаме да се направат испитувања и да се видат фактите до најситни детали затоа што е недозволливо за една Клиничка болница да се врзуваат вакви епитети и посебно е лоша корелацијата што се прави дека сите оние што добиле инфузијата во Клиничката болница во Битола потоа починуваат. Тоа е многу погрешна констатација имајќи пред вид дека многу лица, некогаш стотина пациенти, тука добиваат инфузија и затоа се ќе испитаме за да ја докажеме исправноста, рече Тодоров.
Според него, не смее да се врши притисок врз здравствените работници бидејќи тие треба да бидат фокусирани на пациентите и секој доколку има сомневања дека постои лекарска грешка треба да поведе соодветна постапка.
- Не треба туку така луѓето да се обвинуваат дека направиле нешто, треба да се спроведе законска процедура за да се дојде до вистината. Не смееме да дозволиме да се шират невистини бидејќи тоа е недозволливо во здравството, особено не за еден врвен медицински центар. Доколку има нешто, доколку има определени неправилности, недвосмислено јасно потврдувам дека ќе бидат преземени најригорозни мерки, но доколку нема, моја обврска како министер е да се грижам за да се отстранат недостатоците, но и да застанам во одбрана на системот кога неосновано се обвините здравствените работници и останатиот медицински персонал, додаде Тодоров.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа