Турски компании ќе ги презентираат своите производи пред Македонците
Над 40 турски компании од денеска до сабота на Скопскиот саем ќе ги презентираат своите производи пред Македонците.
Овој саем се одржува веќе три години и присуствуваат компании од областа на текстилот, козметиката, земјоделството, логистиката, туризмот, градежништвото, образованието, како и фирми производители на апарати за домаќинство.
На денешното официјално отворање, заменик-амбасадорот на Турција, Синан Ерен изрази надеж дека саемот ќе биде можност да се промовираат високото ниво и стандарди на турските производи во Македонија и основа за соработка меѓу компаниите.
- Меѓу Турција и Македонија постојат извонредни политички односи, а од друга страна соработката на полето на трговијата и инвестициите не е одраз на вистинскиот потенцијал на двете држави. Кај двете страни постои желба да се доведат трговските и инвестициските односи на посакуваното ниво, истакна Ерен.
Според директорот на Дирекцијата на технолошко-индустриските развојни зони Виктор Мизо, саемот е потврда за традиционално добрите односи и соработка меѓу Македонија и Турција.
Тој посочи дека Турција е значаен трговски партнер на Македонија и оти постојано се вбројува меѓу првите 10 земји во однос на трговската размена и инвестициите.
- Иако има простор за подобрување, сепак континуирано имаме подобри резултати. Во првите осум месеци од годинава, Турција е на осмо место на листата земји со најголем обем на трговска размена, а според бројот на странски инвестиции во изминатите 15 години има удел од 3,9 проценти во вкупните странски инвестиции што ја вбројува меѓу првите топ 10 земји инвеститори во Македонија. Во првите шест месеци од оваа година, Турција е веќе на третото место според обемот на инвестиции кои влегле во Македонија, нагласи Мизо.
Tрговската размена меѓу Македонија и Турција е во постојан подем и во првите осум месеци од годинава забележан е раст од околу 10 проценти во споредба со истиот период лани.
Саемот е отворен од 10 до 18 часот, а влезот е слободен. Минатата година саемот го посетиле 8.000 луѓе, а годинава Меѓународната саемска организација „Меридијен“ и Стопанската комора на Македонија - Турција (МАТТО), очекуваат поголема посетеност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа