Ахмети: Да се ангажираме и да го решиме името бидејќи „топката е на наша страна“
Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, по вчерашните средби со претставници на американската администрација во Вашингтон, на прашањето за тоа дали може да се очекува засилен ангажман на САД по прашањето на спорот за името изјави дека „топката е на наша страна“. Ахмети додаде дека сите средби кои ги имал во Вашингтон биле во насока на охрабрување да се изнајде компромисно решение за спорот со Грција.
- Имав многу значајна посета тука во Вашингтон, која вклучуваше средби во Белата куќа, во Пентагон, во Стејт департментот и во американскиот Конгрес, како и предавање на еден од најпознатите универзитети, Џонс Хопкинс. Сите пораки од сите овие средби се охрабрувачки за Република Македонија, максимално да се ангажираме кон изнаоѓање компромисно решение за прашањето на името, што ќе ни ја отвори можноста што побргу за зачленување во НАТО и започнување на преговори со Европската Унија. Топката е на наша страна. Ние сме суверена држава. Соединетите Американски Држави никогаш не би придонеле за загрозување на интересите и суверенитетот на една држава. Уште еднаш велам, топката е на наша страна, и ние треба да изиграме добро, изјави Ахмети на прашањето дали е можно да има поголем американски ангажман по ова прашање, по примерот на меѓународниот ангажман за постигнување на неодамнешниот договор меѓу Србија и Косово.
По средбите во Вашингтон, Ахмети не коментираше за средбата на потпретседателот на Владата Фатмир Бесими со министерот за надворешни работи на Грција Димитрис Аврамопулос, која се случи претходно во Атина.
Ахмети одречно одговори на прашањето дали меѓу темите на разговори бил и законот за амнестија. Неодамна, амбасадорот за воени злосторства на САД Стивен Рап, за амнестирањето на обвинетите за воени злосторства извршени во 2001 година од страна на Ослободителната национална армија, рече дека сите сериозни случаи на обвинувања треба да бидат процесуирани.
- Во врска со случаите од 2001 година, јас морам да искажам дека случаите од двете страни кои се случија во 2001 година се затворени со законот за амнестија. Законот за амнестија беше подготвен според експертски мислења и советувања од страна на меѓународни правници, експерти од САД, Европската Унија. Тие што го гарантираат Охридскиот рамковен договор исто така го гарантираат и законот за амнестија, а тоа се потписниците, Соединетите Американски Држави и Европската Унија, изјави Ахмети.
За време на посетата на САД, во Чикаго, Ахмети имаше средба и со иселеници од Кичево. Запрашан за предизборните изјави во САД на сега градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари, кои беа оценети како националистички, Ахмети рече дека во своите настапи пред дијаспората зборувал како да и се помогне на Македонија.
- Главната моја порака до дијаспората беше да се вратат во својата родна земја и да инвестираат, како и да агитираат за Република Македонија. Ова беа темите на кои јас дискутирав и разговарав и одговарав на нивните прашања, изјави Ахмети.
Лидерот на ДУИ, придружуван од потпретседателот на Владата Муса Џафери и шефот на неговиот кабинет Артан Груби, во Стејт департментот имаше едночасовна средба со помошникот заменик државен секретар на САД Филип Рикер, со кого претходниот ден имаше и заедничка вечера. Ахмети се сретна и со конгресменот Елиот Енгел, прв претставник на Демократската партија во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом и ко-претседавач на албанската група во Конгресот. Во Пентагон, Ахмети се сретна со Евелин Фаркас, заменик помошник на секретарот за одбрана задолжена за Русија, Украина и Евроазија.
Ахмети вчера имаше средби и во Националниот демократски институт, како и во Гласот на Америка каде присуствуваше на одбележувањето на 70-годишнината од воведувањето на програмата на албански јазик. Во текот на посетата, тој се сретна и со Џулиен Смит, заменик националниот советник на потпретседателот на САД Џо Бајден. Од Вашингтон, Ахмети продолжува во Њујорк, каде треба да има средба со посредникот во разговорите за името, амбасадорот Метју Нимиц.