Конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност

 

- Македонската берза, Комисијата за хартии од вредност и Централниот депозитар за хартии од вредност денеска организираат заедничка конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност 2013.

Конференцијата ќе ја отвори заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, а свои обраќања ќе имаат и првите луѓе на Македонската берза Иван Штериев, на Комисијата за хартии од вредност Елизабета Чингаровска и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов.

Заедничкиот настан посветен на пазарот на хартии од вредност на едно место ќе ги обедини претставниците на финансискиот сектор и индустријата на хартии од вредност, котираните компании и други акционерски друштва, државните институции и универзитети, како и сите останати чија дејност е поврзана со работењето или инвестирањето во хартии од вредност.

На настанот ќе се дискутира за различни теми поврзани со актуелните состојби на пазарот на хартии од вредност од домашен и од меѓународен аспект, неговите идни развојни правци, значењето на финансиската едукација, како и корелацијата на степенот на развој на македонскиот финансиски систем со долгорочниот економски развој на Македонија.

Во рамки на панел дискусиите ќе учествуваат и странски финансиски екперти кои ќе ги изнесат своите размислувања во врска со развојните правци во овој сегмент на економијата и ќе ги пренесат искуствата од нивните земји со финансиските инструменти на пазарите на хартии од вредност.

Најавени се обраќања на Мустафа Балтачи-генерален секретар на ФЕАС и извршен потпретседател на Истанбулската берза, на Ивана Гажиќ, претседател на Управниот одбор на Загребачката берза, на Невен Каиќ, директор на оддел за продажба во ЈИЕ во Ерсте Груп Банк, на Ото Е. Нагели, претседател на ОЕН Консалтинг, и на Тило Куш, главен извршен директор на Македонски Телеком и претседател на Одборот на директори на Т-Мобиле.

Официјалниот дел од оваа прва заедничка конференција на овие три институции ќе биде заокружен и со доделување на наградата за најтранспарентно котирано акционерско друштво за 2012 година -  „Кристално ѕвоно“.

најчитано сега