Децата тука се обучуваат да станат добри граѓани на Европа - Дорис Пак во посета на ОУ „Браќа Миладиновци“

 

Пратеничката на Европскиот парламент  Дорис Пак која од денеска престојува во дводневна посета на Македонија, го посети основното училиште „Браќа Миладиновци“ во кое од почетокот на оваа учебна година е воведена меѓународната ИБ-програма во прво ниво од прво до петто одделение.

- Тука се обучуваат деца за да станат добри граѓани на Европа. Стандардот тука е одличен, дури можам да кажам дека би била среќна доколку и во Германија имаме училишта со ваков стандард. Ова е специјализирано училиште кое, пред се, се базира на развивање на интернет вештините, изјави Пак при посетата на училиштето.

Исто така и министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, кој ја придружуваше европратеничката изјави дека за посетата на Пак го избрале ОУ „Браќа Миладиновци“ зашто таму, покрај ОУ „Св. Кирил и Методиј“, се спроведува ИБ-програмата - најновата реформа на МОН.

 - Сакавме госпоѓата Пак да го посети ова училиште, да се увери во можностите и капацитетите на нашиот образовен систем и да се фокусира на можноста која Република Македонија ја дава во насока на сериозни инвестиции во образованието, не само во инфраструктурата, туку инвестиции во вистински развој и креирање вистински образовен систем. Ова е посебна програма во која децата се многу повеќе интерактивно вклучени во практичната работа и во информатичката технологија, рече Ристовски.

ИБ-програмата во двете основни училишта во Скопје се спроведува од 1 септември, откако во јули годинава министерот Ристовски потпиша меморандум за соработка со Адријан Керни, регионален директор на ИБ за Африка, Европа и Среден Исток.

Инаку, европратеничката претходно оствари средба и со министерот Фатмир Бесими на која беше потврдена поддршката на Германија за евроинтеграциите на Македонија.

01.11.2013 - 12:26
Фото: 
либертас.мк

најчитано сега