Нови 42 стипендии од фондацијата „Трајче Мукаетов“
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и годинава традиционално доделува нови стипендии, a овој пат станува збор за 42 стипендии од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 22 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје.
Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов денеска на прес-конференција рече дека Управниот одбор на Фондацијата работел според постапката на избор на студенти кои ќе ги добијат стипендиите од трета и четврта при двата факултета. - Заклучно со овие 42 студенти кои добиваат стипендии, досега Фондацијата има стипендирано 264 студенти од кои 141 од Фармацевтскиот и 123 од Медицинскиот факултет. Од нив 82 студента од Фармацевтскиот и 51 студент од Медицинскиот факултет дипломирале. Со тоа можам да ја истакнам гордоста на нас како членови на УО на Фондацијата дека на овие наши веќе академски граѓани сме им помогнале на некој начин да може да дипломираат. Од нив 17 стипендисти веќе се вработиле во Алкалоид АД Скопје, додаде Мукаетов.
Деканот на Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски рече дека Фондацијата покажува како може да се мотивираат и стимулираат сите оние студенти кои ја добиваат стипендијата и тие кои не ја добија, а ќе вложат дополнителни напори и знаење за наредната година да ја добијат и да се најдат на ранг листата на Фондацијата. Оваа година, посочи тој, за оваа стипендија на Медицинскиот факултет аплицираа 51 кандидат. - Од 2010 година Фондацијата доделува и парична награда за студент на генерацијата која досега изнесуваше 1.000 евра, но од оваа година УО одлучи наградата да биде во висина од 1.200 евра. Да се заблагодарам на Фондацијата односно на АД Алкалоид заради тоа што на многу начини покажува како може да се направи да се зголеми грижата за здравјето на граѓани, а исто така не помалку важни се и активностите од хуманитарен аспект кои придонесуваат да се создадат кадри кои ќе бидат посолидни од аспект на здравствената дејност во Република Македонија, додаде Јанкуловски.
Инаку, стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци.