Иванов ги прими акредитивите од новите амбасадори на Словачка и Мароко
Претседателот Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Словачката Република и на Кралството Мароко во Република Македонија.
Иванов упати честитки за именувањето на прв резидентен амбасадор на Словачката Република во Република Македонија, и му посака успех во извршувањето на одговорната функција.
- Сакам да се заблагодарам за сета досегашна поддршка од Вашата земја, а особено за поддршката на евроатлантските аспирации на Република Македонија. Огромниот економски и севкупен општествен прогрес што го забележа Словачката Република, но и останатите земји од Централна Европа во последните две децении, ќе продолжи да биде инспирација за Република Македонија, од аспект на изградбата на просперитетна држава, така и од аспект на нејзиното целосно вклучување во евроатлантските интегративни процеси“, истакна во обраќањето претседателот Иванов.
На средбата со новиот амбасадор на Кралството Мароко, Латифа Акарбах, претседателот Иванов упати честитки за именувањето на должноста и изрази очекување за продолжување на успешниот политички дијалог и интерес за посодржинско развивање и унапредување на меѓусебните односи.
- Ценам дека постои потенцијал во нашите две земји за унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес, а особено за зголемување на економската соработка и на трговската размена. Затоа е потребно понатамошно зајакнување на правната рамка и се надевам дека сите договори кои се веќе усогласени ќе се потпишат во најскоро време, порача Иванов.
Акарбах од своја страна истакна дека ќе се залага за унапредување на билатералните односи и остварување на соработка во сите полиња од заеднички интерес. - Кралството Мароко верува во европската перспектива на Македонија и цени дека вашата земја ќе даде значајна додадена вредност во Европската Унија. Како што Мароко има напреден статус во односите со Унијата, вашето интегрирање со сигурност ќе отвори нови хоризонти во нашите билатерални односи, истакна во поздравното обраќање новоименуваниот амбасадор на Кралството Мароко, стои во соопштението.