Канческа-Милевска: Заштитата на културното наследство еден од приоритетите на македонската Влада

 

Еден од приоритетите на Владата и на Министерството за култура е заштита на културното наследство што може да се види од реализацијата на голем број проекти ширум нашата држава, рече министерката Елизабета Канческа-Милевска во одговорот на пратеничките прашања од нејзината надлежност.

На прашањето за скопскиот Аквадукт, таа информира дека е изготвен елаборат за валоризација на Споменикот на културата за Аквадуктот и предлог за прогласување на културниот предел за културно наследство од историско значење. 

Канческа-Милевска потенцира дека Националната установа конзерваторски центар-Скопје, како надлежна установа за заштита на културното наследство, во рамки на проектот „Љубљански процес 2“ има добиено два гранта. Првиот од 5 илјади евра е за археолошки истражувања на Аквадуктот и треба да започне во ноември годинава. Таа напомена дека реалната пресметка е околу 12 илјади евра, а останатите средства, истакна, ќе се обезбедат од Министерството за култура. Вториот обезбеден грант е од 29.707 илјади евра за геотехнички истражувања, хемиски и други анализи на каменот, статиката, динамиката и стабилноста на објектот. Постапката за тендерот, информира, треба да заврши до крајот на 2013 година.

Министерката истакна дека е  реновирана целокупната куќа на браќа Миладиновци во Струга, а таму, посочи, се наоѓа и огромен оригинален мозаик од 50 метри квадратни од ранохристијанската базилика пронајдена во струшкото село Октиси.- Работиме континуирано и на фрескоживописот на „Св. Ѓоргија“ во Струга и на голем број останати културни наследства, како што е постојаната поставка за животот и делото на Димитар Константин. Еден дел од куќата е определен за административни простори, а останатиот е во функција на промоција на културното наследство, рече министерката за култура.

Во врска со сувенирниците, таа информира дека досега се поставени 20 унифицирани сувенирници кои според неа се примени позитивно од граѓаните, но и од сите посетители. Во Струга се уште не се поставени затоа што, подвлече, се уште нема одговор од Општината за нивно поставување, а тие се изработени  и по добивање на одобрението ќе бидат поставени.

31.10.2013 - 13:23
Фото: 
Региони.мк

најчитано сега