Врие во затворот во Шутка
Тимот за превенција од институцијата Народен правобранител при вчерашната посета на новинарот Томислав Кежаровски во затворот Скопје констатирал голема пренатрупаност во притворското одделение и дека не се исполнети минимум стандардите, поради што издале препораки и сугестии.
- Констатиравме голема пренатрупаност во целиот притворски оддел. Извршивме општи проверки на просториите, како и на просторијата во која престојува вашиот колега. Сметаме дека не се исполнети минимум стандардите и затоа отидовме со препораки, изјави денеска народниот правобранител Иџет Мемети на маргините на работилницата за „Улогата на судијата во остварување на правата на лицата лишени од слобода“.
Од друга страна, како што посочи, не бил случаен неговиот апел упатен до органите кои определуваат мерка притвор доколу сметаат дека нема потреба или може со поинаква мерка да го обезбедат присуството на обвинетите во текот на постапката да не изрекуваат таква мерка, бидејќи се создава пренатрупаност.
Мемети рече дека вчера имал лично средба и со сопругата на Кежаровски и дека ќе најверојатно во четврток ќе се острави последователна посета. Додаде дека за лични работи во врска со Кежаровски може да го информира семејството и претставниците на Здружението на новинарите, а новинарите ќе ги информира во друга прилика.
Народниот правобранител рече дека по посетата дошле до заклучок дека е зголемен бројот на лицата кои издржуваат мерка притвор во затворите Република Македонија, а посебно во затворот Скопје.
- Бројот на лица на кои им се изрекува мерката притвор енормно се зголемува од година во година. Самиот факт дека се работи за пренатрупаност во притворските одделенија, последователно на тоа се случува лицата кои се на издржување казна притвор да неможат да ги остваруваат квалитетно во минимум стандарди нивните човекови слободи и права, истакна народниот правобранител