Јанушев: И бојкот е во игра, но верувам дека ќе се договориме за избори

Сите можности нормално е дека се разгледуваат, но јас искрено верувам дека тоа нема да се случи, дека сепак ќе се најде начин со консензус да се договори датумот на кој ќе се одржат изборите, вели Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

- Ако некој е спремен со прекршување на Изборниот законик да си организира избори за да си ја зачува пред сè партиската фотелја, слободно нека го прави тоа. Зошто го велам ова? Вонредната состојба изминува на 30 мај. Следствено на она што е пропишано во Изборниот законик истиот или ден после тоа треба да продолжат согласно уредбата дејствијата. За тоа да се случи де факто, па и де јуре треба претседателот на Собранието да направи ново решение и измена и дополна на постоечкото решение и да го определи датумот кога ќе се одржат новите избори. Врз основа на тој датум треба да се извести Државната изборна комисија, за таа да изготви нов роковник со сите дејствија кои не се завршени кога е донесена таа уредба со законска сила за да продолжи кампањата за до денот на избори. Тој рок со новиот роковник не може да биде пократок од 35 дена. Како ќе се организираат избори на 21 или на 28? Не само контрадикторни, туку се и надвор од памет да се даваат такви несериозни и незрели изјави, значи невозможно е, затоа што во законот буквално секој рок е пропишан - кажа Јанушев.

Тој смета дека сепак нема да има избори во јуни.

-Нема да има избори во јуни од ова што ви го кажувам. Како ќе го направат тоа? Мислите дека Талат Џафери ќе потпише решение коешто е спротивно на закон за датум за избори. Кој ќе им го утврди датумот за избори? Како ќе го направат тоа? Невозможно е, тоа ви го кажувам. Значи депласирано е воопшто да разговарам за такво нешто, кога нема како да се случи. Сами ќе си го пропишат со уредба со сила на закон датумот за избори? Кога член 12 став 1 од Изборниот законик јасно кажува дека претседателот на Собранието го определува датумот за избори. Ако одиме по таа логика, тогаш нема потреба да одиме на избори. Тогаш нека си донесат уредба со закон на сила каде што ќе се прогласат за доживотни владетели на Република Македонија и нека си тераат така - кажа Јаншуев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.05.2020 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега