Груевски: Оставката на Кондарко е по налог на Заев

 

Премиерот Никола Груевски денеска по повод оставката која ја поднесе Борис Кондарко од функцијата претседател на ДИК, изјави дека тој не треба понизно да постапува по одлуките на СДСМ бидејќи со државната функција која ја има одговара пред граѓаните.

- Опозицијата во Македонија е во непријатна ситуација затоа што со години не може да ја придобие довербата на граѓаните и секогаш кога се доближуваат избори се обидуваат да направат политичка криза со цел да најдат свое алиби за поразот и со цел доколку има некакви можности за предвремени избори да ги спречат тие предвремени избори. Во таква конотација го разбирам тоа што сега се случува околу Кондарко. Крајно непринципиелно и неодговорно е претседателот на партијата да објавува дека му дал задача или наредба на претседателот на Државната изборна комисија, независно што го делегирала неговата партија, дури би рекол и прилично понижувачки е за самиот Кондарко кога неговиот партиски шеф кој во основа не би требало на таков начин да се однесува, а уште помалку би требало самиот Кондарко така понизно да постапува со одлуката на партијата, затоа што тој е на државна функција и одговора пред граѓаните во државата и не треба да се однесува така како што се однесува, изјави премиерот Груевски одговарајќи на  новинарски прашања при посета на Битолско.

Корените на проблемот според Груевски практично се во немањето доверба од страна на граѓаните заради лошите политики што ги води СДСМ.

- И покрај се би спомнал дека ова станува пракса на СДСМ. Имено пред неколку години, исто така по наредба на Бранко Црвенковски, тогашен претседател на партијата, тогашниот претседател на ДИК предложен од СДСМ, Александар Новаковски си поднесе оставка на три месеци пред избори. Се гледа дека човекот кого што Заев го нарекува идеолог на партијата, станува збор за Црвенковски, се уште владее со таа партија. Неговите методи се присутни. Неговиот начин на работење е познат. Тоа што тој го правеше како претседател сега Заев истото го повторува, го следи, ги следи неговите препораки. Веројатно наредбата е од таму дојдена бидејќи се препознава по чекорот, со тоа уште еднаш се потврдува дека во СДСМ нема никакви промени и дека повторно раководи со истите деструктивни методи со кои што претходно работеше, истакна премиерот Никола Груевски.

Инаку, денеска премиерот присуствуваше на пуштањето ви употреба на фабриката на германскиот гигант Кромберг енд шуберт во Жабени.

18.10.2013 - 16:26
Фото: 
Новатв.мк

најчитано сега