СДСМ: Апсењата да се стават на дневен ред на Парламентот

 

Пратеничката група на СДСМ поднесува Информација за активностите на Владата и владините органи на Република Македонија за погазување на уставното начело на презумпција на невиност, како резултат на што Република Македонија станува држава на политички прогон и политички затвореници.

 Согласно член 5 од Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Македонија, бараме оваа информација да биде внесена како точка на дневен ред на седница на Собранието на Република Македонија.

  Република Македонија, под раководство на Никола Груевски, се’ повеќе заличува на држава во која се спроведува политички прогон и политички монтирани апсења на неистомислениците на власта. Притоа, притворот, неговата несоодветна примена и неразумна должина на траење, стануваат главна алатка во рацете на власта.

  Според повеќето релевантни извештаи на меѓународни организации и влади кои ја третираат Република Македонија, постојат сериозни индикации и фактографија дека судската власт е длабоко срасната со извршната власт.

  Долг е списокот на (сега веќе евидентни) политички затвореници со кои власта на најдрзок начин се пресметуваше и се пресметува. Апсењето на Велија Рамковски и подоцнежното затварање на А1 телевизија, апсењето на Љубе Бошковски заради неговите силни критики кон власта, нелогично долгиот притвор на новинарот Томислав Кежаровски (единствен ваков случај во поновата европска историја), апсењето па ослободителната пресуда на Душко Илиевски (лажно осомничен за производство на дрога заради неговите критики кон власта) и уште десетина други случаи ја ставаат Македонија на ѕидот на срамот на влади кои се пресметуваат со политичките опоненти.

  Случајот “Претседавач“ е последниот во низата такви случаи. Мирослав Шиповиќ, и покрај експлицитно искажаната волја (по најавата за негово апсење) дека веднаш се враќа во Македонија, и иако истрагата е завршена, а доказите и сведоците се обезбедени со што притворот станува бесмислен, веќе е “осуден“ во јавноста.

    Заради тоа, но и заради сите претходно наведени примери и фактографија, пратеничката група на СДСМ бара да се стави на дневен ред оваа Информација со цел да и’ се предочи на јавноста и на пратениците на владејачкото мнозинство ненадоместливата штета што и’ се прави на Република Македонија во ваквиот недемократски амбиент. Бараме Собранието на Република Македонија да расправа по оваа Информација и да донесе соодветни заклучоци.

 

 

Интегрален текст од прес-конференција на Ана Павловска-Данева.

18.10.2013 - 14:50

најчитано сега