Јанкуловска го потпиша договорот за полициска соработка со Молдавија
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска учествуваше и се обрати на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Букурешт.
Министерката во обраќањето потенцира дека посебно се значајни заедничките операции кои земјите од регионот ги спроведуваат, но исто така и заедничките операции кои се спроведуваат заедно со европските земји.
- Беше потенцирано дека посебно е значајно земјите да ги интензивираат формите на соработка затоа што единствено на тој начин ние можеме да сме сигурни дека секогаш кога е неопходно потребно ние можеме да реагираме брзо, ефикасно да ги разменуваме информациите и со тоа да ја зголемиме нашата ефективност. Во таа смисла Република Македонија секогаш дава поддршка на новите иницијативи кои значат подобра координација на службите од регионот, изјави за МИА министерката Јанкулоска.
Во име на Република Македонија таа денеска го потпиша Договорот за полициска соработка со Молдавија. Со тоа, нагласи, практично дополнително се прошири мрежата на институции за спроведување на законот со кој македонската полиција може да соработува.