МРТ со остра реакција до РТС за вчерашното фиромизирање

Вчеравечер во Јагодина, Република Србија, се одржа квалификациски фудбалски натпревар за светското првенство 2014, меѓу Република Србија и Република Македонија.

Овој натпревар беше пренесуван директно на програмите на јавните сервиси на двете земји, Радио Tелевизија Србија и Македонската радио-телевизија.

На наше големо и непријатно изненадување на кајронот каде што стои името на земјата гостин, стоеше срамната кратенка ФИРОМ.

Колку што нам ни е познато, а е веродостојно, Република Србија има воспоставено дипломатски односи со Република Македонија под нашето уставно име, Република Македонија.

Би сакале и да Ве потсетиме дека меѓународно признатата кратенка која се употребува на сите спортски настани е МКД со латинично писмо, а не онаа којашто стоеше на екраните  за време на првото полувреме на фудбалскиот натпревар.

Сите  ние ваквиот чин го сфативме како провокација.

Дали тоа беше став на Вашата земја или став на Радио Телевизија Србија?

Со овој наш допис го искажуваме нашето негодување и отворено протестираме поради чинот на менување на името на нашата држава.

(Интегрален текст од реакцијата на МРТ до РТС)

16.10.2013 - 21:21

најчитано сега