Сашо Клековски: Отпорашката политика на СДСМ беше поразена

 

-Разочарувачка е изјавата дека СДСМ ќе ја суспендира работата на препораките од извештајот за 24 декември, како одговор на полициската акција „Претседавач“. Тнр. „отпорашка“ политика на СДСМ беше поразена на локалните избори и нема поддршка меѓу неопределените гласачи, вели Клековски во Интервјуто за Прес 24, потенцирајќи дека таквата политика ја наметнал Црвенковски по враќањето на чело на партијата.

-Од најавата за враќање на Бранко Црвенковски на претседателското место во СДСМ во 2009 година, СДСМ влезе во агресивно конфликтно однесување.  И не е проблемот во таквата позиција, колку што тоа беше неселективен пристап на отфрлање на било каков потег на власта или институциите. Но исто така и ВМРО-ДПМНЕ мора да покаже поголем слух за одредени барања на опозицијата, како на пример понатамошно подобрување на Изборниот законик, вели политичкиот Аналитичар, Сашо Клековски, потенцирајќи дека СДСМ со Зоран Заев на чело мора многу да менува.

Ништо ново и неочекувано нема да се случи и со претстојниот извештај за напредокот на Македонија на Европската комисија. Клековски, во интервју за Прес24, вели дека планот на еврокомесарот Штефан Филе „и преговори за ЕУ и брзо решение за спорот за името“ најверојатно и овој пат ќе доживее неуспех и Македонија најверојатно нема да добие почеток на пристапните разговори, без решение за спорот за името. Новиот момент што низ медиумските текстови се најавува во претстојниот извештај, наводната “медиумска култура”, Клековски не го коментира, но смета дека е потребно во медиумите е јакнење на професионалните стандарди и раскинување на медиумско-партиските „бракови“.

-Шпекулативно е да нагаѓам што значи, нешто што евентуално ќе биде барано од Македонија. Тоа што јас сметам дека е потребно во медиумите е јакнење на професионалните стандарди и раскинување на медиумско-партиските „бракови“ . На пример,  недостасува професионално известување и за етничките и за партиските прашања, каде новинарите  го одразуваат само интересот на својата група и во најдобар случај медиумите ги зајакнуваат поделбите, а во најлош случај, медиумите обезбедуваат пристрасно, неажурно или подбуцнувачко информирање , вели за Прес24, Клековски. Тој потенцира дека за Македонија од суштинско значаење е евентуланиот договор со Грција треба  да стапи на сила со влезот на Македонија во ЕУ. 

 

-Наша цел мора да биде договорот да стапи во сила со влезот во ЕУ, за да се избегнат сите понатамошни можности за нови уцени од страна на Грција. Што се однесува Бугарија, таа се уште настапува од позиција на „ограничување на Македонија – географски и временски”. Односно ограничување на Македонците исклучиво на територијата на Република Македонија и исклучиво по 1944 година – создавањето на современата македонска држава. Таквата политика се огледа во три прашања: барањето за прославување на заеднички личности, додефинирањето на македонскиот јазик, како и ограничувањето на грижата за малцинството во Бугарија, вели Клековски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Македонија е пред нов извештај на Европската комисија за нејзиниот напредок. Но, сосема извесно е дека и оваа година нема да има консензус на Унијата за почеток на пристапните преговори. Дали Европската Унија влегува во заложништво на злоупотреба на правото на вето, или пак Унијата нема капацитет за правични одлики?

КЛЕКОВСКИ: Планот на еврокомесарот Штефан Филе „и преговори за ЕУ и брзо решение за спорот за името“ најверојатно ќе доживее неуспех и Македонија најверојатно нема да добие почеток на пристапните разговори, без решение за спорот за името, како вовед во договорот за добрососедство со Грција. Блокадата од Грција, функционира бидејќи се вклопува во пошироката слика на солидарност на ЕУ членките, како и на балансот меѓу земјите „за проширување“ и  „за продлабочување“ на ЕУ. Уште во 1992 година Грција издејствува солидарност од ЕУ кога со декларацијата од Лисабон се бараше откажување од името Македонија во замена за признавањето.  Неповолен е и балансот на силите меѓу земјите „за проширување“ (В. Британија, Шведска, Полска и другите источни земји)  и  „за продлабочување“ на ЕУ (Германија, Франција).  В. Британија, клучна земја која се залага за проширување на ЕУ е со ослабени позиции, вклучувајќи и поради можноста за референдум за иднината на сопственото членство во ЕУ. Германија и Франција од друга страна имаат состојба кога над 70% од граѓаните не сакаат проширување. Зајакнатата позиција на блокот „за продлабочување“, значи поспори натамошни интеграции со повисоки очекувања од идните кандидати.  Сепак, добрососедството не е нов услов, и во минатото договори за добрососедство се постигнати меѓу сите идни членки. Моите очекувања се дека три земји од Западен Балкан ќе се интегрираат во ЕУ меѓу 2020 и 2022, а другите три меѓу 2025-2030.

ПРЕС24: Во јавноста се појави една информација дека ЕК, годинава во извештајот за Македонија ќе бара медиумска култура? Што поразбирате Вие под овој термин, со оглед на тоа што Унијата се уште не дефинира дали тоа е вистина и што ќе бараат до Македонија да исполни на тоа поле?

КЛЕКОВСКИ: Шпекулативно е да нагаѓам што значи, нешто што евентуално ќе биде барано од Македонија. Тоа што јас сметам дека е потребно во медиумите е јакнење на професионалните стандарди и раскинување на медиумско-партиските „бракови“ . На пример,  недостасува професионално известување и за етничките и за партиските прашања, каде новинарите  го одразуваат само интересот на својата група и во најдобар случај медиумите ги зајакнуваат поделбите, а во најлош случај, медиумите обезбедуваат пристрасно, неажурно или подбуцнувачко информирање . Дополнително има инфлација на медиуми ловци по скандали, каде личниот интегритет, проверката на фактите ... се на последно место.

ПРЕС24: Бугарија станува сериозен проблем. Еве, веќе втора година официјална Софија е своевидно алиби за грчките позиции. Има ли решение за македонско-бугарскиот спор?

КЛЕКОВСКИ: За сите проблеми има решение, порано или подоцна! Јас не можам да говорам за македонско-бугарскиот спор, туку за дијалог за договорот за добрососедство.

ПРЕС24: Дел аналитичари сметаат дека Бугарскиот проблем кон Македонија е далеку посериозен од грчкиот. Со Софија има проблем кој задира директно во идентитетот, но јас сакам да Ве прашам, дали тој фамозен договор за добрососедство може да ги деблокира македонските евроинтеграции. 

КЛЕКОВСКИ: Воопшто не можам да се сложам дека односите со Бугарија се попроблематични од тие со Грција и на службено, формално ниво и на неформално, секојдневно ниво. На службено ниво, Македонија и Бугарија имаат редовни државни средби, кои со Грција ги нема. Исто така со Бугарија имаме склучено два основни документи Заедничката декларација за добрососедство во 1999 година и Заеднички меморандум за добрососедство во 2008 година, кои создадоа услови за склучување на повеќе билатерални договори. И на неформално, секојдневно ниво, кога патувате во Бугарија, не се чувствуваат ограничувања, а можноста да бидете вознемирен или малтретиран бидејќи сте Македонец се скоро непостоечки.  За разлика од Грција каде вознемирувањето започнува од границата и лепењето на етикета на автомобилот дека не ве признаваат.

Тоа не значи дека македонското прашање не е контроверзно за Бугарија. Бугарија се уште настапува од позиција на „ограничување на Македонија – географски и временски”. Односно ограничување на Македонците исклучиво на територијата на Република Македонија и исклучиво по 1944 година – создавањето на современата македонска држава. Таквата политика се огледа во три прашања: барањето за прославување на заеднички личности, додефинирањето на македонскиот јазик, како и ограничувањето на грижата за малцинството во Бугарија. Прашањето на македонскиот јазик во Заедничката декларација од 1999 година беше решено со појаснување: македонски јазик (според Уставот на Република Македонија), но на реципрочна основа – и бугарскиот јазик е додефиниран на ист начин. Прославување на заеднички личности и други мерки за градење доверба не смеат да се отфрлаат. На пример може да започнеме со заеднично прославување на Св. Кирил и Методиј. Најтешко и најболно ќе биде прашањето на националните малцинства. Со членот 49 од Уставот Македонија се грижи за положбата и правата“ на етничките Македонци во соседните земји. Но со Амандманот 2, изнуден од Грција, се вели дека „притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“. Сега Бугарија бара да во договорот за добрососедство се вклучи ставот од декларацијата од 1999 година, дека ниеден став од Уставот на Македонија не може да се употреби за мешање во внатрешните работи на Бугарија, во одбрана на статус и права на лица кои не се граѓани на Република Македонија. Значи се бара Македонија да се грижи само за своите државани, но не и за Македонците во Бугарија.  Но, поагајќи од Уставот, тоа не е проблемот. Проблемот е дека Бугарија не сака реципроцитет по оваа прашање – Македонија да се откаже од грижа за своето малцинство во Бугарија, но Бугарија да не се откаже од своето малцинство во Македонија. Тоа во практика значи бугарско барање дека Марин Рајков, преодниот премиер на Бугарија може да прими делегација на Бугарскиот културен клуб од Скопје, а Никола Груевски не смее да прими делегација на ОМО „Илинден“.

ПРЕС24: Што е она што Македонија не смее да го прифати во тој договор за добрососедство?

КЛЕКОВСКИ: Македонија треба да прифати сè што ќе биде засновано на реципроцитет или нуди одреден баланс меѓу двете земји.

ПРЕС24: Премиерот Никола Груевски неодамна во ООН, повика на еден нов концепт на преговорите во спорот за името. Како Вие ја дефинирате оваа позиција на Македонија, искажана преку ставот на Премиерот?

КЛЕКОВСКИ: Тешки прашања како спорот за името, бараат концентрирани разговори на највисоко ниво за да се постигне напредок. Такви се форматите на повеќето клучни преговори, илустрирано во Бриселските преговори меѓу Србија и Косово или пак домашното искуство со Охридскиот рамковен договор. Премиерот Груевски веројатно ја понуди оваа промена како знак на спремност на Македонија да се разговара и постигне договор.

ПРЕС24: Дел од медиумите во Атина пишуваат дека оваа состојба која сега се наоѓаат преговорите всушност е завршна фаза. Односно дека во прашање се дефинирање на одредени елементи, како што се опсегот на употреба и местото на географската одредница. Дали навистина можеби преговорите се до такво ниво?

КЛЕКОВСКИ: Додавката во името и опсегот на употреба се предмет на разговори во целиот овој период. Кога неодамна Метју Нимиц изјави дека сега е јасно дека ќе го има зборот Македонија и одредница, за мене беше замајување. Па тоа е јасно од Привремената спогодба од 1995 година, бидејќи Поранешна југословенска република Македонија , го содржи зборот Македонија и одредница. Македонија најмалку двапати, 1992 и 2008 година,  има прифатено Република Македонија – Скопје, што не било прифатени од Грција. Оттука јасно е дека се преговара за одредница и за опсегот за употреба. Грција во моментот има постигнато име со одредница за употреба во меѓународните институции, па затоа сега ќе се стреми кон постигнување на ерга омнес. Сите домашни аналитичари кои тврдеа дека е доволно да го замениме „ПЈРМ“ со друга одредница, исто така ја замајуваат домашната јавност. Јасно е дека  тоа (Македонија со одредница ПЈР за меѓународните институции) е нешто Грција го има постигнато и понатаму ќе бара повеќе. Надвор од одредницата и опсегот, од исклучително значење е времето на стапување на сила на евентуалниот договор меѓу двете земји. Наша цел мора да биде договорот да стапи во сила со влезот во ЕУ, за да се избегнат сите понатамошни можности за нови уцени од страна на Грција.

ПРЕС24: Како ја оценувате македонската надворешна политика во овие 23 години независност?

КЛЕКОВСКИ: Надворешната политика како стратегија или пак како средство?  Како средство, нашите амбиции ги надминуваат нашите можности. Македонија не е СФРЈ и треба да има пофокусиран, порационален пристап во дипломатијата.

ПРЕС24: На внатрешен план. Се уште власта и опозицијата не успеале да ги дефинираат препораките од ад хок комисијата за настаните од декември минатата година. Станува збор за политички тактики, или пак за сериозни несогласувања меѓу партиите?

КЛЕКОВСКИ: Конфликтот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ  во март 2013 година достигна фаза кога беше неопходно вмешување на трета страна (ЕУ) за да се надминат разликите. Тоа значи дека станува збор за сериозен јаз и конфликт меѓу двете партии. Почетниот позитивен развој со средбите на Груевски и Заев, брзо се истопи.  Негативната партиска кампања го зголемува јазот меѓу двете партии и ја намалува можноста за политички дијалог, неопходен за постигнување на заеднички решенија. За некои прашања, како семејството, данокот, секако дека треба да постојат разлики, но за некои прашања како функционирањето на Собранието и изборите мора да се постигнат заемно прифатливи решенија.

ПРЕС24: Опозициската сцена во Македонија по локалните избори, добива една поинаква димензија. Ќе има ли простор за трета опција, од типот на Јакимовски, Бучковски?

КЛЕКОВСКИ: Трета, шеста или втора опција на Македонија и се потребни не нови луѓе, туку нови политики, како алтернатива на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. За да граѓаните имаат избор меѓу политики. Како ЛДП целосно се претопи во СДСМ има простор за нови политички партии, а доколку СДСМ не успее во реструктуирањето уште повеќе ќе се зголеми просторот за политички алтернативи. Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) досега настапи храбро. Стевчо Јакимовски како успешен градоначалник на Карпош,  настапува со нови политики како проширување на децентрализацијата, регионален развој и мултикултурноста. За Позитивна Македонија треба да почекаме до основањето за понатамошна анализа.

ПРЕС24: Која би била позицијата на таа трета опција.? Евентуалните два до три пратеника би биле поддршка на власта, или пак некој тип на конструктивна опозиција?

КЛЕКОВСКИ: Македонија има потреба од повеќе политички алтернативи. Колку повеќе пратеници, толку поголемо влијание. Позицијата на новите партии,  ќе зависи од нивниот успех, како и од самите пратеници.

ПРЕС24: Дали СДСМ е конструктивна опозиција?

КЛЕКОВСКИ: Од најавата за враќање на Бранко Црвенковски на претседателското место во СДСМ во 2009 година, СДСМ влезе во агресивно конфликтно однесување.  И не е проблемот во таквата позиција, колку што тоа беше неселективен пристап на отфрлање на било каков потег на власта или институциите. Посебно загрижувачко е дневнополитичкото реагирање на полициски акции и судски процеси.  Дневнополитички е да еднаш организирате протести за судењето на Владо Бучковски, а другпат целосно да го премолчете тоа.  Но исто така и ВМРО-ДПМНЕ мора да покаже поголем слух за одредени барања на опозицијата, како на пример понатамошно подобрување на Изборниот законик.

ПРЕС24: Како го оценувате позиционирањето на СДСМ по изборот на Зоран Заев за лидер на партијата? Има ли нова политика? Ја препознаваат ли гласачите?

КЛЕКОВСКИ: Зоран Заев по победата на внатрепартиските избори, со статутарните измени ја зацрвсти својата позиција во СДСМ и од таква позиција започна со промоција на новите политики. Тоа е добро бидејќи само така СДСМ ќе биде политичка алтернатива на ВМРО-ДПМНЕ.  Промоцијата на новите политики дел по дел од една страна е добро бидејќи ќе привлече повеќе внимание, но од друга страна недостасува покрупната слика, која е крајната цел на тие политики? Ова последното е потребно за да гласачите ја препознаат! Од друга страна разочарувачка е изјавата дека СДСМ ќе ја суспендира работата на препораките од извештајот за 24 декември, како одговор на полициската акција „Претседавач“. Тнр. „отпорашка“ политика на СДСМ беше поразена на локалните избори и нема поддршка меѓу неопределените гласачи.

ПРЕС24: Има ли Заев капацитет да расчисти со политиките на Црвенковски? Што мислите, дали Црвенковски е навистина пензиониран, или пак ќе ја следи логиката на Љубчо Георгиевски? Дел аналитичари сметаат дека во СДСМ ќе мора да се случи своевидна “Панорама”. Го делите истото мислење?

КЛЕКОВСКИ: Автократскиот стил на владеење од кој произлегува и незаменливоста на лидерите е многу подлабок отколку што се мисли. Кога се говори за расчистување на политиките на Црвенковски не треба да говориме само за расчистување на неговите луѓе и политики туку и на внатрепартиските односи. За жал еден од првите чекори на Зоран Заев беше централизација на партијата, а не нејзина демократизација. Претпоставувам дека тоа е одраз на ставот дека автократија може да се победи со повеќе централизација. Напротив тоа е продолжување на старите политики со нови луѓе. Како што реков нам ни требаат нови политики, а не само нови луѓе со стари политики. Претпоставувам дека Зоран Заев смета дека само така може да го истисне влијанието на Црвенковски. Досега, колку што се сеќавам, само Петар Гошев , Имер Селмани и Јово Манасиевски, доброволно и целосно се повлекоа и оставија простор за новите раководства. Црвенковски досега покажа големо трпение со неговата целосна дистанца од политиката, што е  изненадување за многумина. Дали Црвенковски ќе остане толку дистанциран кога ќе дојде моментот за целосна демонтажа на неговото влијание во СДСМ останува да се види?  Јас верувам дека мора да дојде до помал или поголем судир, „Панорама“ како велите, кога ќе дојде часот за промена на пратеничката група. Но не верувам дека Црвенковски ќе оди дотаму да формира нова политичка партија, како што го направи тоа Љупчо Георгиевски, бидејќи времето покажа  дека тоа не е мудар потег.

ПРЕС24: СДСМ, односно новото раководство некако како срамежливо да посакува парламентарни избори. Некои аналитичари велат дека Заев сака парламентарни избори, па макар би освоил и помалку од сегашните пратеници, но тие би биле негови лојални луѓе, бидејќи во сегашниот состав на пратеничката група нема поддршка од повеќе од двајца пратеници?

КЛЕКОВСКИ: Доста е замена на едни лојални луѓе со други лојални луѓе. На СДСМ му треба пратеничка група која ќе ја спроведува новата политика на СДСМ. Доколку постоечките пратеници не се вклопуваат во тие нови политики за очекување е дека СДСМ би сакал можност да ги промени.

ПРЕС24: Дали во Македонија е созреан моментот за предвремени парламентарни избори во март, заедно со претседателските?

 

КЛЕКОВСКИ: Во прилог на предвремени парламентарни избори одат три причини. Првата причина е бидејќи е тоа би било разрешница на политичката криза со „24 декември“. Мартовскиот договор, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гарантиран од ЕУ, вклучуваше и изборен роковник со две точки: учество на локалните избори и разговор за парламентарни избори. СДСМ, кој тогаш бараше предвремени парламентарни избори, тврдеше дека тие се договорени, а ВМРО-ДПМНЕ негираше. Сега состојбите се променети и премиерот Никола Груевски е тој што ги врати на дневниот ред предвремените парламентарни избори. Како што наведов претходно дел од СДСМ може да посакува предвремени избори за консолидација на новото раководство. Втората причина е дека во случај на одреден развој на евро-атлантските интеграции, посебно на дефинитевен застој или пак поместување во спорот за името, граѓаните на избори ќе мора да легитимираат каква ќе биде стратегијата на Македонија. Третата причина за нови избори е самиот избор за претседател. Овие избори имаат најмал одѕив од сите избори. Поради тоа, се намали потребниот одѕив за избор на шеф на државата од 50 отсто на 40. Но и вака намалениот праг со тешки маки се постигна на изборите во 2009 година и покрај тоа што паралелно се одржуваа локалните избори. Лесно може да се заклучи дека при самостојно одржување на претседателски избори постои висок ризик за неуспех на изборите, со сите негативни последици што таквиот неуспех би ги имал. Дополнително и ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА ќе ги анализираат своите рејтинзи и колку тие обезбедуваат основа за подобри резултати. 

14.10.2013 - 11:27

најчитано сега