ВМРО-ДПМНЕ: Нека ни е честит денот на Република Македонија

Независна и суверена Република Македонија била визија за која генерации Македонци живееле, твореле, се жртвувале и се бореле. Да се има сопствено парче земја во кое сами ќе ја градиме својата иднина, била идеја за која живееле и гинеле илјадници патриоти на овие простори.

Сето тоа стана реалност на референдумот 1991 година кога македонскиот народ без двоумење, во огромно мнозинство се определи за своја држава. Ова е честитката од ВМРО-ДПМНЕ денеска.

- На овој ден пред 28 години Македонците го остварија својот вековен стремеж за создавање на независна и суверена Македонија која со гордост ќе можат да ја нарекуваат свој дом. На 8 септември се оствари сонот на Илиденците, борците на НОБ и сите оние кои својот живот го положиле за сонот наречен Република Македонија. Пред точно 28 години македонските граѓани масовно излегоа на референдумот за независност каде јасно и гласно кажаа дека сакаат да живеат во независна и суверена Република Македонија. Овие турбулентни времиња, кога се оспорува македонскиот идентитет, јазик и историјата, докажуваат дека борбата за Македонија никогаш не завршува. Секоја генерација има своја битка и свои победи кои треба да ги извојува. На оваа генерација и беше наметната промена на името на државата и покрај тоа што власта не доби поддршка на референдум. Оваа генерација гледа како се гребат шахти и се преименуваат улици и објекти. Оваа генерација се соочува со обидот да се брише и заборави дел од историјата. Се најавува ревизија на учебниците и промена на обележјата. Наместо да се чува идентитетот, името, јазикот, културата и историјата, власта тргува со се што е свето. Македонија е економски опустошена земја, во која владее криминалот, а не правото. Македонија е земја од која што младите масовно заминуваат, а не основаат семејства, велат од опозицијата.

Сега повторно е време кога треба да покажеме и докажеме со дела и работа колкава е љубовта кон нашата татковина.

- Време е сите да покажеме дека сакаме да живееме во просперитетна и демократска Република Македонија. Нека е честит и вековит овој голем празник, Денот на независноста! Нека ни е честита, вековита и просперитетна Република Македонија, велат ВМРо-ДПМНЕ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.09.2019 - 10:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега