Мицкоски: Притвор за Јанева, оставки и предвремени парламентарни избори

 

 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара оставка на Владата и одржување предвремени парламентрани избори, откако вчера во јавноста беше обелоденет случајот „Рекет“ за што во притвор се две лица, а одземен е и телефонот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, за која исто така побара притвор. Мицкоски рече дека не ја гледа потребата да присуствува на лидерската средба на која повика премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев за петок во 14 часот.

-Компромитираното СЈО е завршена работа, а првиот чекор треба да биде притвор за Катица Јанева и за сите други вмешани во овој криминален октопод. Исполнети се сите услови, побара Мицкоски, посочувајќи дека во вчерашната афера корените се многу подлабоко од двете осомничени лица познати на јавноста, кои, како што рече, треба да бидат жртвени јагниња.

Според него, вчера граѓаните биле сведоци на втор кирминален октопод на СДСМ предводен од Зоран Заев, но овојпат, истакна, поголем со изразено криминално рекетарска медиумска спрега на високи функционери на власта. Овој втор криминален октопод, смета Мицкоски, е „миље“ сочинето од неформален сопственик на медиум, обвинители чие дејание, потенцира, не може  да биде возможно без поддршка од власта каде имаме злоупотреба на медиум, тргување со правдата, финансиски интереси и политички мотиви.

– Вчерашната панична акција е само театар да се спасат вистинските нарачатели на ваквиот криминал, да се заштити колку може извршителот Катица Јанева и да не се дознае каква монструозна гарнитура владее со земјата. Видовме со каква леснотија државата има премиер, кој за пет секунди влегува во договор за донација од 100 илјади евра за Вартоломеј, претходно го видовме на она видео како договара за она Мирче свињарникот по принципот евро за евро, а денес имаме случај каде во игра се милиони евра. Зарем некој мисли дека врвот на власта не седи зад овој скандал, рече Мицкоски.

Тој се наврати на она што го кажал пред од прилика четири месеци кога, како што рече, јавно предупредил на криминалот на СЈО поддржан од врхушките на власт и за фактот дека се злоупотребува за политички цели.

– Премиерот Зоран Заев жестоко се спротивстави и застана директно во одбрана на Катица Јанева.Таа беше неговата црвена линија од која не отстапуваше на разговорите и нашите напори за вистинска реформа во обвинителството. Вчера видовме и зошто грчевито ја бранеше, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

За Мицкоски оставката од Јанева, не е вистинска оставка за таа да не биде пречката во процесот на договор за реформи во Обвинителството, таквиот чекор не е затоа што се работи за личност со високи морални и етички принципи, туку, подвлече, тоа е излезно сценарио за сомнежот дека е до гуша во криминал. Посочи дека и покрај оставката која вчера ја даде Јанева, таа продолжува да биде шеф на СЈО кое за ВМРО – ДПМНЕ е минато завршено време.

Според Мицкоски, од „рускоска обвинителството“, нагласи, на Јанева и е одземен само телефонот без било какви дополнителни мерки, а јасно е, истакна, дека силата на двајцата обвинети е токму можноста  за влијание преку СЈО  врските кои тие ги имаат со неа и врските кои ги имаат тие директно со врхушката на власт.

– Не случајно реков дека вчерашниот ден беше театар да се спасат вистинските нарачатели на криминалот. Вчера никаде ги немаше во обвинението фамозните Фрики и Кики, кои заедно со првообвинетиот, како што се говореше во некои написи,  вршеле уцени, изнуди и влијанија. Мојот сомнеж и на ВМРО-ДПМНЕ е дека во сето ова се вклучени директно лица од самиот врв на власта, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ упати прашања до власта и побара одговор, како што рече, во најбрз можен рок.

Праша дали е точно дека силата на Јанева доаѓа токму од премиерот,  дали е точно дека при средба во домот на првообвинетиот чест гостин е висок функционер од редот на СДСМ во друштво на Катица Јанева и во тој дом се договараат обвиненија и понатамошни постапувања по тие обвиненија. Праша дали е вистина дека лично Јанева ја има во разговорите со првообвинетиот кои се предмет на истрага, како и тоа дали е вистина оти и други лица на начин како сега обвинетите двајца си завршиле работа со обвинители од СЈО и врвот од власта за непокренување обвиненија.

–Компромитираното СЈО е завршена работа, а првиот чекор треба да биде притвор за Катица Јанева и за сите други вмешани во овој криминален октопод. Исполнети се сите услови. Можност за повторување на делото, затоа што Јанева и денес е прв човек на корумпирано СЈО, постои можност за бегство и за влијание врз сведоци. Сето останато е само слабо и бледо алиби, смета Мицкоски.

Ако некој има дилеми зошто не добивме датум за почеток на преговори со ЕУ ова лето, истакна Мицкоски, еве го одговорот – затоа што имаме криминален октопод што владее со државата и тргува со правдата.

– Тоа што за бизнисмените е рекет, за политичарите е притисок. Треба веднаш оставки и веднаш предвремени парламентарни избори, истакна на прес-конференцијата Мицкоски, кој покрај барањето за избори кажа дека ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на реформите. Негов личен став е дека изборите би можеле да се одржат во април.

Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски рече дека во еден разговор со Јанева околу иднината на имотот на ВМРО-ДПМНЕ таа од него побарала поддршка за законот за јавното обвинителство со цел таа да го одмрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој изрази подготвеност за тоа да сведочи, како и третиот присутен на состанокот. Сепак, смета дека досега обвинителството за ова можело предмет по допрен глас откако тој го соопштил јавно.

Мицкоски повтори дека не гледа потреба од негово присуство на лидерската средба во петок.

-Господинот Зоран Заев повикува на лидерска средба, а јас ќе одговорам дека не ја гледам потребата од мое присуство на средба на која ќе се разговара за се и тоа ќе биде алиби, а нема да се разговара за тоа што денес и потребно на Република Македонија датум кога ќе имаме предвремени праламентарни избори, рече Мицоски.

Средбата би била непотребен театар, бидејќи, како што наведе, „покрај оние стенд-ап настапи во Владата и покрај она себехрабрење што го кажува Заев дека секогаш е подготвен да излезе на избори, самиот тој  е соочен со сопствениот  страв од дебакл на такви избори“.

Посочи дека работни групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ интензивно работата околу законот за јавното обвинителство, но и за пописот и Изборниот законик и оти ставовите и натаму се многу спротивни. Една од црвените линии била Катица Јанева, но за тоа, како што наведе, сега не се ни дискутира.

Запрашан за изјавата на обвинителката Ленче Ристоска од Специјалното јавно обвинителство дека ќе продолжат со нивните случаи,  Мицкоски рече дека Законот за СЈО е јасен и оти се што е покренато до 30 јуни 2017 е покренато обвинение од страна на овластен тужител.

 

-Се што е покренато после 30 јуни 2017 е дејство на неовластен тужител. Сега се поставува прашањето зошто тоа го правеле, еве гледате. Ќе ви покренат насилнички процес за да може да ве рекетираат. Но единственото дело ќе ве потсетам, и ќе ја потсетам македонската јавност, кое што после 30.6.2017 завршува со обвинение е случајот „Талир“ каде што партијата ВМРО-ДПМНЕ е вклучена, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.07.2019 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега