Попоски се сретна со своите колеги Линкевичиус и Корлацеан
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски оствари заедничка средба со министерот за надворешни работи на Република Литванија и Претседавач со Советот на ЕУ, Линас Линкевичиус, како и со министерот за надворешни работи на Романија и Претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Титус Корлацеан. Средбата се одржа во рамките на заедничката посета на двајцата министри на Република Македонија од 6 до 7 октомври 2013 година, информираат од македонското Министерство за надворешни работи.
Министерот Попоски високо ја оценил посетата на двајцата министри, која се реализира во пресрет на објавувањето на Извештајот на Европската комисија на 16 октомври 2013 година и состаноците на Советот на ЕУ и Европскиот совет во декември 2013 година.
-За време на средбата, дискусиите беа фокусирани на прашања поврзани со нашата интеграција во ЕУ и регионалната соработка, при што министерот Попоски ги информира соговорниците за реформите и постигнатиот напредок во клучните области, изразувајќи очекување дека истите ќе бидат артикулирани во соодветни препораки на Комисијата за Македонија. Во однос на истото, министерот Попоски истакна дека “Посакувано сценарио за Република Македонија би било да се донесе одлука за почеток на пристапните преговори за време на литванското претседателство со ЕУ, додека за време на грчкото претседателство да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија“, соопштуваат од МНР.
Во однос на регионалната соработка министерот Попоски ја потенцирал потребата од закајнување на регионалната соработка меѓу земјите од регионот, како и обединување на истите во рамките на европската и евроатланската агенда на регионот во целина.
Министерот Линкевичиус, претседавач со Советот на ЕУ, го поздравил постигнатиот напредок во спроведените реформи и изрази целосна поддршка во напорите на нашата земја во патот на интеграцијата во ЕУ.
Министерот Корлацеан истакнал дека со неговото присуство во Македонија во својство на претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, сака да пренесе порака за поддршката за Македонија во евроатланскиот пат.
За време на средбата, министрите разговарале и за можностите за практична соработка во различни области.