Предвремени избори најрано во ноември

 

Одлуката на Европскиот совет ќе ги диктира случувањата на македонската политичка сцена. Премиерот Заев вели дека од датумот за преговори ќе зависи дали неговата Влада ќе го тера овој мандат до крај.

По ваквиот став на премиерот министрите може да здивнат. Метлата е подготвена, но метењето ќе почека

„Штом ќе ги знаеме конкретните информации, пример ако имаме извесност дека ова лето, јуни или јули, тоа нашата желба да го добиеме датумот за преговорите, продолжуваме со реконструкцијата. Доколку има одложување се можни сите варијанти како што е и враќање на мандат, отворање на внатрешна дебата, заземање на чекорите, еден од тие чекори е предвремени избори, другиот чекор е комплетно нова Влада, третиот чекор е преземање на одговорности за неуспешното добивање на датумот за преговорите после се што направивме, иако вината не ја гледам овде.“ - рече Заев

Дека на датумот за преговори виси цела Влада Заев се пожалил и во Брисел, коментирајќи дека одложувањето може да резултира со губење на мнозинството во Собранието.
Доколку премиерот се реши да го врати мандатот а ја задржи контролата врз мнозинството во Собранието, тогаш веројатно ќе се оди кон избор на нова Влада, за која би добил нов мандат од Претседателот Пендаровски.

Доколку сепак се реши за предвремени избори, потребно ќе биде пратениците да изгласаат распуштање на Собранието.
Согласно последните измени на Изборниот законик и Законот за влада, во Македонија нема можност за организација на брзи предвремени избори. По преговорите во Пржино, партиите се договорија 100 дена пред изборите државата да ја води техничка Влада во која ќе учествуваат и министри на опозицијата, што значи дека евентуален договор за избори во јули ќе ги извади граѓаните на гласање најрано на почетокот на ноември.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.06.2019 - 11:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега