Груевски: Не добивме мандат за да го смениме името и идентитетот

 

 Останавме доследни на континуираното спроведување на реформи, средување на работите онаму каде што има проблем и на подбрување на условите за живот. Доследни сме во одбраната на националните интереси и на идентитетот. Работиме многу повеќе отколку на почетокот пред седум години, a народот тоа знае да го цени, рече претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на трибината на партијата вечерва во Гостивар.

Пред гостиварци, лидерот Груевски навести новини, меѓу кои и нов закон за администрација со кој вработените ќе имаат можност да напредуваат и да бидат наградувани според сработеното.

Од трибината, Груевски најави дека во недела на пладне, преку телевизиски пренос, ќе бидат избрани и кандидатите за 1.600-те работни места наменети за социјално загорезените категории граѓани.

Набројувајќи дел од постигнатите проекти во изминативе години, пред присутните членови на партијата и симпатизери во салата на Центарот за култура АСНОМ, премиерот Груевски се осврна на реформите во сферата на социјалната политика и економијата.

- Со роуд-шоуата низ Светот успеавме да привлечеме внимание и да покажеме дека сме атрактивна дестинација за отпочнување на бизнис, бидејќи имаме најниски трошоци. Благодарение на тоа и спроведените реформи успевме да ја намалиме и невработенста за десет проценти, рече Груевски.

Тој се заблагодари на поддршката во измнативе години и нагласи дека, народот знае да цени кој му е посветен и кој сработува повеќе од ветеното и, како што рече, затоа и победуваат на седум избори по ред.

Осврнувајќи се на проблемот на евроинтегративните процеси, првиот човек на македонската Влада потсети дека земјава одамна ги исполнила критиериумите за членство во НАТО и отпочнување на преговори со ЕУ, но пречката ја гледа во нашиот јужен сосед.

- Останавме доследи и во одбрана на националните интереси. Во првите три години од преземањето на власта успеавме да ги исполниме условите кои од нас се бараа. Но, нашиот јужен сосед, порано прикриено, но сега и отворено настапува со барање за промена на името на државата, а со тоа и идентитетот. Ние за тоа немаме добиено мандат и затоа тоа не го правиме. Дури и да усогласиме некакви ставови и решенија, тоа нема да го прифатиме без претходна потврда на рефенрендум, подвлече премиерот Груевски.

Свои излагања за сработеното и проектите кои следат во нивните ресори имаа и министерите за внатрешни работи, за здравство и за транспорт и врски. По излагањата, гостиварци имаа можност да постават прашања и да добијат одговори од одговрни лица во државните институции.

03.10.2013 - 21:28

најчитано сега