Мургашанска: Градоначалникот Димитриевски обвинет за шеми со станови од 140.000 евра со кумот
Општина Куманово е само алатка за остварување на приватните бизнис интереси на градоначалникот Максим Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски, обвини денеска Атина Мургашанска, советничка во Советот на Општина Куманово од СДСМ. По скандалот со продажбата на земјиштето кај поранешен ЧИК, таа изнесе нов „сомнителен случај“ – шема со станови вредни околу 140.000 евра.
Сомнителна трансакција и поврзаност со технички прием
Мургашанска детално ја објасни наводната шема, која започнува во 2010 година, кога Максим Димитриевски купил 10.000 м² земјиште за 10.000 евра, односно по едно евро за квадрат. Тогаш тој не бил градоначалник, но токму ова земјиште подоцна, кога станал градоначалник, било клучна алатка за оваа сомнителна шема.
Во меѓувреме, компанијата „Евгенија план ДОО увоз-извоз Куманово“ добила дозвола за градење и изградила зграда. Сепак, според СДСМ, подолг период од непознати причини, оваа компанија не можела да добие технички прием.
„Димитриевски станува градоначалник, компанијата не добива дозвола за технички прием, сè до моментот кога кумот на Димитриевски купува два стана во зградата од по 97 квадрати. Потоа, техничкиот прием е одобрен“, истакна Мургашанска, прикажувајќи купопродажен договор од август 2022 година за двата стана.
Стан од 70.000 евра за само 2.500 евра?
Само неколку месеци подоцна, истата 2022 година, еден од тие станови, според СДСМ, кумот му го префрлил на Максим Димитриевски со размена на недвижност. Но, наместо за реалната цена од околу 70.000 евра, станот бил префрлен за само 2.500 евра.
„Како е можно стан во Куманово од 97 квадратни метри да го добие Димитриевски за само 2.500 евра? Преку размена за една четвртина од ливадата купена во 2010 година, за едно евро по квадрат“, праша Мургашанска. Таа потенцира дека Димитриевски се стекнал со стан вреден 70.000 евра за само 2.500 евра.
Барање за итна истрага
Овој случај, според СДСМ, отвора сериозни прашања за можна корупција, перење пари и судир на интереси кои мора целосно да бидат расчистени. Од партијата бараат итна истрага од надлежните институции, поставувајќи ги следниве прашања:
Дали станува збор за перење пари?
Дали е ова дел од коруптивна шема поврзана и со техничкиот прием на зградата?
Дали градоначалничката функција е злоупотребена за приватен профит?
„Куманово заслужува чесно раководство, а не станбени афери и злоупотреби! Јасно е дека Димитриевски не работи за Куманово, туку за себе и за блискиот фамилијарен круг. Но, Куманово не е негова семејна компанија“, заклучи Мургашанска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа