Блер: Ја доведовте Македонија на вистински пат

 

Терминот Балкан порано беше синоним за конфликт, зборувавме за балканскиот проблем, за балканизација, како дефиниција за означување на некаков немир. Денеска тука во Македонија, во оваа слободна, независна и суверена држава, таа не е повеќе симбол на балканскиот проблем, туку симбол на балканското решение. Навистина ми е драго што можам да оддадам почит на целиот напредок што државата го има постигнатом истакна поранешниот премиер на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тони Блер, во своето обраќање на Самитот за мир кој се одржа во рамки на првиот Сахара Балкански мировен фестивал.

Блер потсети дека во декември 2005 година, кога тој беше премиер на Обединетото Кралство, Република Македонија го доби кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Оттогаш, истакна Блер, четири пати ЕУ дава препорака за почеток на преговорите, а и НАТО даде до знаење дека се исполнети условите. 

Блер изрази надеж дека Македонија набрзо ќе влезе во фамилијата на ЕУ и на НАТО.

- И покрај сите проблеми Македонија успеа да изгради извонредна држава во целиот овој период. Република Македонија е на вистинското место и време за да ги достигне вистинските вредности, рече Блер, опишувајќи го светот денес во кој живееме. Според него, Европа мора да се реформира, да се создаде единствена одбрана, енергетика, затоа што, како што вели, Европа има можности кои може добро да ги искористи.

- Верувам дека иднината носи можности и од тие причини се надевам дека мојата земја Велика Британија ќе одлучи да остане во ЕУ, а не да ја напушти, истакна Влер Блер. Тој смета дека на Европа и се потребни силни САД како партнер. Тој вели дека за мир е потребен просперитет, а за да постигне тоа потребно е ефективно глобално управување.

- Кога сте премиер, а сигурен сум дека не така и за овој премиер, но за мене беше така, што не ве обучуваат за работното место. Првиот ден станувате премиер и тоа е тоа, истакна Блер, раскажувајќи за неговиот прв ден во „Даунинг 10“, кога по свеченото поздравување од персоналот, највисокиот државен службеник му честитал на победата и го прашал „што сега?“

Во секоја земја треба да се носат виситнските одлуки, а  тоа тешко се прави.

- На пример тука во Република  Македонија, доколку размислите наназад пред неколку години вие моравте да донесете тешки одлуки за да ја доведете земјата на вистинскиот пат, за да ги постигнете оние цели за подобрување на рангирањето на земјата за водење бизнис и слично. Но, тоа не се случува случајно, луѓето мора да носат одлуки за тоа. Владите мора да донесуваат одлуки за да бидат сигурни дека општеството може да функционира и оти луѓето ќе ги добијат можностите кои им се потребни, посочи Блер.

Иднината им припаѓа на оние со отворен ум, а патот до мирот и просперитетот ќе се постигне само доколку сме партнери едни со други, а не спротиставени страни, додаде Блер.

- Вистинската разлика денеска е помеѓу оние што имаат отворен ум и оние што имаат затворен ум, на оние што го гледаат светот воден од можностите за поврзаност и глобализација и оние коишто сакаат да се затворат и да се изолираат од таа глобализација и она што не зближува го гледаат како закана. Јас не сум песимист за светот во кој живееме. Секогаш сум оптимист  и мислам дека секогаш во себе можеме да ја најдеме силата да ги надминеме предизвиците, нагласи Блер.

Честитајќи им на организаторите за иницијативата да се организира еден ваков настан, Блер рече дека нема подобар ден да се прослави идејата за отворениот ум, отколку денешниот ден.

- Македонија е важна земја во која навистина слободно се истакнува тоа чувство, бидејќи овде во Западниот Балкан во текот на минатите години имаше толку многу конфликти и потешкотии и понекогаш луѓето стануваат цинични и песимистични во однос на тоа дали е можен прогрес и напредок. Но размислите за минатото и видете колку е подобра сегашноста од тоа што било порано и потоа размислете колку подобра може да биде иднината. Оваа прослава на мирот не е само прослава на емоции, тоа е всушност прослава на моќта на човечноста да го користи разумот за да ги надмине проблемите и да продолжи понатаму кон поголем прогрес, нагласи Блер. 

03.10.2013 - 09:16

најчитано сега