Муцунски: Усвоени измените на Законот за надворешни работи – професионализација на дипломатијата

Усвоени измените на Законот за надворешни работи – суштински чекор за професионализација на дипломатијата и подобрување на условите за македонските дипломати во странство, истакна министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Собранието вчера ги усвои измените на Законот за надворешни работи, предложени од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, посочи Муцунски.
„По повеќе од една деценија се прават суштински измени, со кои се воспоставува јасна законска рамка за реализација на два клучни приоритети: професионализација на дипломатската служба и воспоставување на надлежностите на Министерството во областа на надворешната трговија и инвестициите.
Измените предвидуваат зголемување на процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати, продолжување на мандатот на упатените дипломати на четири години (наместо досегашните три), како и уредување на процедурата за именување амбасадори и улогата на Собранието во таа постапка. Дополнително, воведена е можност за назначување специјален државен претставник во странство, доколку постои посебен интерес за државата.
Со измените се овозможува Министерството системски да ги преземе обврските поврзани со креирање политики за надворешна трговија и инвестиции – сегмент кој досега не беше институционално прецизиран со ниту еден друг закон.
Ова претставува важен чекор кон професионализација на дипломатијата, подобрување на условите за работа на македонските дипломати во странство, како и соодветно позиционирање на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во делот на надворешната трговија и инвестициите“, нагласи Муцунски.
21.05.2025 - 09:49
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа