Груевски: Обединувањето на Европа без Балканот не е можно
Европската унија е најуспешен актуелен мировен проект, но обединувањето на Европа без Балканот како интегрален дел не е можно, порача вечерва премиерот Никола Груевски од Самитот за мир што се одржува во рамки на Сахара Балканскиот мировен фестивал.
- Европскиот континент каков што го знаеме денес беше трансформиран во согласност со визијата за Европа - слободна, обединета и во мир. Милиони луѓе низ целиот континент ги уживаат плодовите од спроведувањето на оваа визија. Македонија како и целиот Балкан е неодминлив составен дел на ваквата визија за европскиот континент. Обединувањето на Европа без Балканот како интегрален дел на европската конструкција едноставно не е можно, рече Груевски.
Додаде дека стратешка цел на Република Македонија е евроатлантската интеграција, но оти и покрај четирите позитивни извештаи од Европската комисија, таа е сеуште надвор од ЕУ, поради наметната блокада од страна на јужниот сосед.
- Република Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, а статусот на кандидат го доби токму за време на претседателството на Велика Британија во Унијата и во време кога премиер на Британија беше Тони Блер. Му се заблагодарам за личното залагање кое го направи за да се избори за оваа кандидатура и воедно и се заблагодарам на Велика Британија како искрен пријател и поддржувач на РМ на планот на интеграција во ЕУ и НАТО. За жал Република Македонија сеуште е надвор од ЕУ и НАТО. Не сме членка на ЕУ и покрај тоа што од страна на Европската комисија четири пати по ред, беше дадена препорака за Европскиот совет за почнување на преговорите за полноправно членство, а исто така имавме одлагање во 2008 година и за добивање на поканата за полноправно членство во НАТО кога тоа беше одложено иако беше јасно констатирано дека Македонија ги исполнува сите услови за да ја добие поканата, рече Груевски.
Оцени дека блокадата наметната од јужниот сосед како резултат на ирационалниот спор за името на нашата држава не кореспондира со декларираните заложби за интеграција и просперитет на овој дел од Европа.
- Она што можеби е неопходно за придвижување на Република Македонија на планот на евроатлантската интеграција е поголемо лидерство од страна на европските и светските државници во насока на обезбедување на еднаков и правичен пристап за нашата држава во интеграциските процеси, нагласи премиерот Груевски.
Осврнувајќи се на моменталните случувања во светот и низ историјата, Груевски забележа дека има бројни воени конфликти, терористички напади и насилства, но и оти човекот се обидува да изнајде механизми за нивно решавање и превенирање.
- Живееме во време кога мирот е нарушен во многу делови од светот. Многу општества и денес се наоѓаат во длабока криза, криза на етиката, цивилизациски падови и искривени вредности кои раѓаат бројни насилства од кои се згрозува секој нормален човек. Но тоа не треба да не поколеба. Тоа не значи дека треба да се откажеме ниту пак да подзастанеме. На луѓето кои се вклучени во овие конфликти потребна им е помош. Таму каде што владее оружјето, неможе да владее разумот. Да се присетиме на големите зборови на нашата хуманистка големата Мајка Тереза - Ние мораме да го најдеме Бог, а ама Бог неможе да се најде во врева и нервоза. Бог е пријател на тишината. Нас ни е потребен мир за да бидеме способни да ја допреме нашата духовност, рече премиерот Груевски.
Апелираше пораките за мир и толеранција да се шират во светот, бидејќи, како што рече, сите ние имаме длабока одговорност да продолжиме со дијалогот и со заложбите за подобра иднина.
Своето обраќање го заврши со мислата од Мајка Тереза која вели дека љубовта се раѓа во домот и апелира љубовта да се шири насекаде.
Овој фестивал, истакна Субрата Рој Сахара, немаше да може да се случи, да започне доколку ја немаше поддршката и благословите на почитуваниот премиер, заменикот премиер и нивните многу посветени и способни тимови коишто функционираат во Македонија.
- Морам да кажам дека сме во земја во која што навистина луѓето знаат да направат и да постигнат нешто, рече во обраќањето Субрата Рој. Тој додаде оти денеска сите се собрани да дискутираат за мирот, да се прати порака од овој балкански мировен фестивал, од земјата каде што е родена нобеловката мајка Тереза, порака, подвлече, која очекуваме да има мировен ефект на целата наша планета.
- Ако зборувам конкретно за Македонија, прекрасна, многу мирна земја, првпат кога дојдов тука нашиот почитуван премиер и заменикот премиер шетајќи околу плоштадот, на мое пријатно изненадување немаше полицајци околу нас и премиерот беше сам, немаше обезбедување. Потоа заминавме на ручек во еден ресторан и таму дојдоа и луѓето и навистина тоа е нешто што многу значи во државата. Дефинитивно ова е земја каде што нема насилство, нагласи Субрата Рој.
Говорејќи за Македонија и за неговите комуникации со голем број најразлични луѓе, Субрата Рој, истакна дека секој негов познаник од земјава е многу етички, многу искрен и со мир во својот дух.
- Навистина го почитувам тоа што го гледам тука, рече меѓу другото Субрата Рој Сахара