Пратениците со полни раце работа - усвоени измени на неколку закони

 

Пратениците денеска во рамки на продолжението на 72. седница усвоија измени и дополнувања на неколку законски решенија, предложени во прво читање.

Се работи за измените на Законот за инспекциски надзор за кои пратениците расправаа во текот на вчерашниот ден, како и измените на Законот за управување со отпад со кои се предвидува, доколку правните и физичките лица немаат локација за собирање и складирање на отпадот, да не смеат да вршат трговија со отпад. 

- Досегашното решение во Законот за управување со отпад беше уредено на начин што дозволите за трговија со неопасен отпад можеа да се издаваат на правни лица кои не мораа да поседуваат локации за складирање на отпад. Со ова решение се создаде простор за манипулација со количините и видовите на отпад со кои се тргува, особено при утврдувањето на потеклото на отпадот и начинот на неговото складирање. Со цел да се спречи можноста за манипулација Министерството предложи измени и дополнувања на Законот за управување со отпад, појасни заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.

Пратениците ги проследија во второ читање и измените и дополнувањата на Законот за научно-истражувачка дејност кои предвидуваат внесување на имињата на сите научници и истражувачи на порталот наука.мк со што нивната научно-истражувачка работа ќе им биде достапна за приватниот и јавниот сектор.

НСДП забележа дека се предвидени несоодветни казни во висина од 1000 до 2000 евра за научниците кои нема да се пријават на овој портал.

Беа прифатени и измените на Законот за странци со кои се поедноставува постапката за исполнување на општите услови за влез на странци во државата.

Седницата беше прекината по барање на пратеникот Бекир Фазлиу од ДПА и ќе продолжи по еден час.

01.10.2013 - 13:11

најчитано сега