СДСМ: Наместо да шири лажни вести, ВМРО-ДПМНЕ да каже дали ќе учествува на референдумот во недела
„Наместо да шири лажни вести и создава конструкции, ВМРО-ДПМНЕ прво треба да каже дали ќе учествува на референдумот во недела“пишува во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Иго Јанушев.
„Јасна е намерата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која и самата не знае дали ќе учествува на референдумот, на денот на гласањето, да прати партиски војници на гласачките места кои би ги забележувале и евидентирале луѓето кои гласаат, како што тоа впрочем и го правеше во минатото.
Македонија, граѓаните, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ насилно да ја блокира македонската иднина преку бојкотот што активно го организира.
Раководството ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски останува заробено во темното минато и работи против иднината на Македонија и нејзините граѓани.
Надлежните институциите се на висина на задачата и гарантираат организирање на фер, слободен и демократски референдум. Референдумот ќе биде набљудуван од ОБСЕ, од домашни и странски набљудувачи, како и од невладини организации и граѓански здруженија.
Правото на глас е загарантирано и неприкосновено и секој вид на притисок, уцена и закана врз избирачкото право ќе биде соодветно санкциониран.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски можат да измислуваат и поголеми потешки лаги, но за среќа тие не се оние кои одлучуваат.
Одлучуваат граѓаните чие мнозинство е јасно определено за иднина во ЕУ и НАТО. Одлучуваат граѓаните кои ќе излезат и ќе гласаат на 30 септември.
Одлуката ја носи огромното мнозинство кое ќе каже ЗА европска Македонија“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа