Литванија си обезбеди пласман во полуфиналето на Евробаскетот
Литванија си го обезбеди последното место во полуфиналето на Евробаскетот кој се одржува во Словенија.
Синоќа во четвртфиналето Литванија ја совлада Италија со 81:77. По четвртини 22:15; 18:24; 17:19 и 24:19.
До последната четвртина од натпреварот победникот беше неизвесен, но тогаш при водство на Италија од 58:57, Литванија направи серија од 15:0 и поведе со 72:58, водство кое се покажа недостижно за противникот кој до крајот успеа само да ја намали разликата.
Во победничкиот состав на вчерашниот натпревар најефикасни беа Реналдас Сеибутис и Мантас Калнеитис со по 17 постигнати поени, додека кај Италија се истакна Марко Белинели со 22 реализирани поени.
На денешната полуфинална средба, која е со почеток во 17 часот и 45 минути, силите ќе ги одмерат репрезентациите на Литванија и Хрватска.
Вечерва со почеток во 21 часот, втората полуфинална двојка Шпанија и Франција ќе ја почнат големата пресметка за влез во финалето.