Со помош на странски хирурзи за пет дена направени 14 успешни операции во ГОБ „8 Септември“

 

Четиринаесет комплицирани операции успешно се изведени во Градската општа болница „8 Септември“ со помош на еден од многу познатите дигестивни хирурзи во САД, проф. д-р Брус МекФејџн од Универзитетот на Тексас, Медицинско училиште Хјустон кој од 11 септември секојдневно работи во операциска сала за дигестивна хирургија и во амбулантата. 

Министерот за здравство Никола Тодоров  денеска ја посети ГОБ „8 Септември“ и изјави дека за пет дена заедно со хирурзите се изведени 14 операции: - Очекувам дека она што се прави тука со доктори од САД потпомогнати од проектот со Линка крос кој го имаме, ќе има сериозно позитивно влијание на нивото на квалитет на здравствена заштита во Македонија, а особено во ГОБ „8 Септември“ која од ден на ден се повеќе се развива и добива едно од најзначајните места во здравствениот систем во државата, рече Тодоров.

Тој му се заблагодари на доктор МекФејџн затоа што несебично се вградува во развојот на македонското здравство, помага во пренесување знаења, вештини и ставови на неговите колеги во Македонија и со тоа овозможува државата да чекори напред не само во делот на хурургијата, туку генерално и на целото здравство во земјата и во регионални рамки.

Дигестивниот хирург во ГОБ „8 Септември“, Гордана Божиновска Беака истакна дека многу е добро што толку искусен дигестивен хирург престојува во болницата. - Секој ден беше во сала со нас. Секогаш има некои ситни работи кои ја чинат операцијата да биде голема, а тоа може да се научи од професорот. Направени се операции на воспаленија на жолчните патишта, на панкреас, карциноми на дебело црево, желудник итн., рече Божиновска Беака.

Во рамки на проектот на Министерството, кој се реализира од септември до ноември во јавните здравствени установи ќе пристигнат околу 25 специјалисти од различни специјалности, вклучувајќи дигестивни хирурзи, специјалисти по адултна и педијатриска ургентна медицина, гинеколози, кардиолози, невролози, педијатри, анестезиолози, офталмолози, радиолози, онколози, неонатолози, патолози, експерти за здравствени системи.

 

19.09.2013 - 15:32

најчитано сега