СДСМ: Изгубената ВМРО-ДПМНЕ почна да критикува и сопствени проекти

СДСМ реагира на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ очигледно целосно се загуби во лажните вести па почна да критикува проекти донесени за време на нивното криминално владеење а токму таков е проектот за гасоводот на Водно којшто актуелната Влада го наследи од претходната. Проект за којшто сите дозволи и решенија за негово отпочнување се извадени и донесени токму од ВМРО-ДПМНЕ.

Лицемерно и несериозно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за штета, за која што тие се сторители. Зборува за сеча на дрва, а токму тие се оние кои со години го уништуваа зеленилото на Водно и во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ зборува за нарушување на животната средина, а токму со проектите кои се изведоа во времето на нивното 11 годишно владеење се нанесоа страшни, долгорочни и непоправливи штети врз Водно.

За разлика од налудничавите проекти на ВМРО-ДПМНЕ на Водно, конкретниот и изменет проект за гасификација не само што не штети, туку ја заштитува животната средина. Во таа насока, изменета е трасата, со што двојно се намалува и опфатот на дрвната маса од 3000 на 1400 метри кубни метри, се намалува ширината на трасата од 25 на 10 метри и воедно се опфаќа само 0,07 отсто од шумата Водно.

Истовремено, Владата обезбеди средства во висина од 43 милиони денари од страна на МЕР како законска компензација за пошумување на она коешто ќе се исече при спроведување на проектот.

Гасификацијата е врвен стратешки проект за Македонија, а придобивките од нејзината реализација се повеќекратни. Со гасификацијата ќе се намали загадувањето на воздухот, ќе се намали сечата на дрва, ќе се намали ерозијата на земјиштето, а граѓаните ќе добијат нов и поевтин начин на затоплување. Сето тоа, позитивно ќе влијае врз зачувувањето на животната средина.

Владата предводена од СДСМ останува на патот кон своите зацртани цели, а тоа е работа во интерес на граѓаните и државата, ВМРО-ДПМНЕ останува заглавена во лажните вести и измислиците“ се вели во реакцијата на СДСМ.

 

 

 

22.08.2018 - 15:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега