Груевски им го честита Велигден на верниците од Евангелско-методистичката црква
По повод големиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден, денеска премиерот Никола Груевски упати честитка до претседателот на Eвангелско - методистичката црква Емил Заев.
- Со воскресението, Бог ни го исцрта патот кој долго во минатото му беше непознат на човековиот род. Тоа е големиот чин кој постојано и постојано не потсетува и инспирира да имаме богоугоден живот, да бидеме скромни и милостиви, да имаме силна верба, да создаваме, да помагаме, да простуваме, да оставаме убави и позитивни дела зад нас. Тоа е патот на добрината, саможртвата и правдољубието. Славењето на овој голем празник значи празнување на добрината, на љубовта, на саможртвата за вредностите кои животот го прават подобар, достоинствен и праведен, нагласува премиерот во честитката.
Јас верувам дека сите ние како христијани, наведува, ќе продолжиме да го следиме тој пат, ќе продолжиме да ги шириме овие вредности и да работиме чесно и напорно за достоен и убав живот на сите граѓани во Република Македонија.
- Ви посакувам убави празнични денови исполнети со многу среќа, радост и духовен мир. Бидете благословени и нека ни е честит големиот христијански празник!, се вели во честитката од премиерот Груевски.