СДСМ: Студентскиот парламент е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ
Според СДСМ, Студентскиот Парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ), не дејствува самостојно и не ги штити интересите на студентите. Опозициската партија смета дека СПУКМ функционира како коалициски партнер на владејачката партија.
Како што денеска истакна претседателот на младите социјалдемократи, Дарко Давитковски, доказ за тоа е фактот што СПУКМ не реагирал кога била воведена наплата за добивање потврди, пријавување семинарски работи и истражувачки трудови, кога биле укинати кредитите, кога доцнеле стипендиите...
- Затоа, пак, спротивно на претходно искажаните ставови на претседателот на СПУКМ и на секој логичен потег за едно студентско здружение, Студентскиот парламент преку соопштение се обиде колку што е можно повеќе да се доближат до ставовите на владејачката партија и ги повикаа студентите сами да се изборат за намалување на цената, а не за бесплатен јавен превоз. Прашуваме во чие име настапува СПУКМ, истакна Давитковски на денешната прес-конференција.
Студентскиот Парламент, додаде, треба да бидат коректив на секоја лоша општествена појава и им порача на членовите на СПУКМ да „излезат од сенката на ВМРО-ДПМНЕ и да почнат да се залагаат за подобрување на студентскиот стандард и студентските права“.