Кусари му рече „НЕ“ - Пешевски подготвен за ТВ дуел со било кој косовски министер
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска во писмена изјава информира дека косовската вицепремиерка и министерка за трговија и индустрија на Косово, Мимоза Кусари Лила не ја прифатила неговата покана за заеднички тв дуел на кој ќе ги презентираат аргументите за проблемот што настана меѓу Македонија и Косово.
- Во својот одговор таа повикува на директен дијалог, нешто на што во меѓусебната комуникација јас инсистирав уште минатата недела, пред да ги воведеме ние нашите мерки, но таа иницијатива од моја страна тогаш остана без одговор. Точно е дека решението е можно да биде најдено само во директни разговори, нешто што повторно го нагласив во меѓусебната размена на пораки со вицепремиерката Кусари уште минатата недела, но исто сметам дека граѓаните на двете држави треба да знаат дека во ниту еден момент Република Македонија не посакуваше ваков развој на настаните, наведува Пешевски во изјавата.
Тој потенцира дека заедничкиот настап ќе ги отстрани можностите за различните толкувања на оваа ситуација и причините поради која таа настанала и поради тоа истакнува дека е подготвен да прифати јавна дебата со кој било член на кососвката Влада.