Џафери и Аврамопулос на тет-а-тет средбата не разговарале за спорот со името
Денеска министерот за одбрана на Македонија, Талат Џафери, имаше тет-а-тет средба со грчкиот колега Димитриос Аврамопулос.
- Мошне плодна средба, содржаен разговор во кој уште еднаш потенциравме дека двете министерства за одбрана и армии треба поинтензивно да продолжат со директните контакти и конкретна соработка и со тоа да придонесуваат кон приближување и на армиите и народите без оглед на политичките проблеми кои ги засегаат двете држави, се зборовите со кои министерот Џафери ја опиша денешната средба со Аврамопулос.
- Како две министерства за одбрана не се најдовме во можноста и не видовме потреба да разговараме за политичкиот проблем. Заеднички цениме дека тоа е работа на двете влади коишто треба да ги приближат ставовите. Во тој контекст, заемно сметавме дека ние треба да се концентрираме околу надлежностите и активностите на министерствата и на армиите и со тоа да придонесеме кон приближување на ставовите, изјави Џафери одговарајќи на новинарско прашање дали на средбата со Аврамопулос разговарале и за прашањето за името и за членството во НАТО.
По примопредавањето на должноста Командант на СЕЕБРИГ, министерот Аврамопулос изјавата за медиумите ја даде на грчки јазик, одбегнувајќи ги со тоа прашањата од македонските новинари.
Инаку, досегашниот командант на ССЕБРИГ бригадниот генерал Здравко Поповски по две години командување функцијата му ја предаде на својот турски колега бригадниот генерал Хакан Есер.
- Тука бев испочитуван, можеби и повеќе од самите грчки генерали, рече бригадниот генерал Поповски на прашањето од новинарите дали политичките односи меѓу Македонија и Грција влијаеле на односот од грчките колеги кон него во изминатите две години.
Во бригадата за регионалната безбедност и негување на добрососедските односи членуваат Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Романија и Турција.